Кон „Тивко место” во режија на Џон Кразински, кинематографија: Шарлот Брус Кристенсен, музика: Марко Белтрами.
Оцена: 4/5.
Уште во првите 10 минути седејќи во седиштето во киното, човек може да почувствува дека нешто не е во ред. Тотална тишина. За некое чудо, дури и во кино салата владее целосен молк и создава чувство на штрек и немир. Тоа во неколку реченици е краткиот синопсис за атмосферата која ја креира „Тивко Место“ уште од самиот почеток, без дијалог и потпирајќи се само на природните звуци на средината во која се наоѓаат главните ликови. Тоа е доста храбар потег за еден режисер како Џон Кразински, кој на пошироката публика е познат како шармантниот и смешен Џим во популарната серија “Канцеларијата”. Можеби затоа оние што го следат неговото дело никогаш не би препознале дека токму тој би можел да се впушти во хорор жанрот. Сепак Кразински воопшто не се наоѓа во непозната територија – како претходни “вежби” има режирано две драми/комедии, па дури и има напишано сценарио за филм. Велам, “вежби” зошто културниот импакт на тие дела не може да се мери со поп феноменот што го постигна со “Тивко место”.
Филмот веќе во првите неколку минути покажува дека станува збор за пост-апокалиптична средина каде што нешто предизвикало да оние малкумина луѓе што преживеале не смеат да испуштат ни звук. Неименуваниот лик на Кразински, неговата сопруга (Емили Блант, неговиот партнер во вистинскиот живот) и нивните три деца (едно од нив соодветно ја глуми Милисент Симондс, глувонема актерка) се присилени да живеат живот каде не смеат да зборуваат помеѓу себе, мораат да пребаруваат храна, и да се снаоѓаат како што можат во тој суров свет. Рано во филмот се случува таква трагедија која открива зошто се е така тивко – ако не е, мистериозни суштества излегуваат од никаде и убиваат сè пред себе.
Куќата во којашто семејството живее е посебна глетка која буди чувства на ужас и некомфорно исчекување. На секој чекор се излепени постери со предупредувања дека звук не смее да се испушти, на ѕидовите има исечоци од весници кои покажуваат што се случило со светот и колкава цена треба човек да плати за да преживее во таква средина. За дополнителна непријатна атмосфера на страв, ликот на Емили Блант е бремена и може да се породи во секоја минута што е тешко во овој свет каде не може да испуштиш ни звук. Сепак, за восхит е дека и во такви услови таа наоѓа доза на нормалност. Фармата е уредена и земјата е посеана, а ликот на сопругата дури и си ја прибира облеката од сушење и врши дневни задачи како сè да е нормално. Животот сепак, продолжува напред, иако секаде бдеат закани.
Секој детал поврзан со креираната атмосфера на неизвесност е позитивно Хичкоковска; Џон Кразински успева да го долови тоа чувство на неспокој во секоја нема и суптилна реакција. Постои таква незаборавна сцена што вклучува складилник за жито што несомнено предизвикува човек да си ги изгрицка ноктите. Сепак, филмот не е и безгрешен. Иако самото тоа што целото сценарио е толку тенко и дијалогот е минимален е доста храбар потег, во одредени сцени може да се забележат траги од доста мејнстрим филмови кои во тие моменти го сведуваат филмот на типичен страшен филм од калибарот на “Предатор”. Добро е тогаш за еден артист како Кразински што и покрај тоа, во сите моменти е присутна добра доза на тензија што добро би му послужило во неговата кариера како режисер. Со овој филм, само докажува дека може да биде многу повеќе од иреверентен смешен лик на малите екрани.
Петра Бранковска