Кон „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“.
„И мене ми се плаче!“ ѝ вели во еден момент Нада (Аида Хофман) на својата ќерќичка Хава. Но, во целиот филм, ни еднаш не заплакува. Не заплакува бидејќи нема доволно време. Нема време да плаче кога ја задржуваат на работа, па воспитувачката во градинката ја прекорува за тоа што доцни да ја земе Хава. Нема време да плаче кога во социјалната служба ќе ѝ кажат дека не може да добие помош за Хава бидејќи нема дијагноза дека таа е на аутистичниот спектар. Ниту кога ќе ѝ се расипе старото Југо на сред пат. Ниту кога ќе клекне пред гробовите на татка си и мајка си, загинати во војната. Нема време за плачење затоа што во себе носи една тивка, несекојдневна сила.
Во своето дебитантско остварување „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“, режисерката Марта Хернаиз Пидал (Marta Hernaiz Pidal) создава хибриден филм – полу-документарен, а полу-фиктивен. Одигрувајќи го животот на Нада Кадиќ, актерката Аида Хофман не соочува и со сцени од сопствениот живот. Ансамблот на ликови кои се појавуваат во филмот, од кои повеќето се аматери и за прв пат играат во филм, дополнително го заокружуваат ова чувство. Хава, пак, е ќерка на Хофман и во вистинскиот живот, што ја објаснува природноста на нивната интеракција.
Хернаиз Пидал и Хофман говорат за институционализираната неправда и неодговорност. Тие се прикажани низ секојдневните интеракции на Нада и Хава со босанското општество, во кое како да нема место за самохрани мајки, дечиња со посебни потреби, граѓани со секојдневни и несекојдневни проблеми. Ова е одлично прикажано во сцената каде на продавачката не ѝ е важно ништо освен тоа дека Хава истурила неколку зрна грав во продавницата, или новиот дечко на Нада кој би сакал да оди на одмор со неа, но ако може нејзината ќерка да остане кај некој на чување. Нада проаѓа голем дел од филмот со останати луѓе, но за најголемиот број од своите проблеми останува препуштена сама на себе, итајќи од место до место. Но наместо да се фокусира на проблемите, „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“ ја прикажува силата на една жена која во од се соочува со сѐ што животот поставува пред неа. Иако очигледно погодена од ударите, Нада продолжува напред со една привидна, скоро филозофска рамнодушност. Зад површината на оваа фасада, Хофман внимателно ја сокрива бурата на емоции која се татни во ликот.
Статичните кадри, вкусно и внимателно компонирани од кинематограферот Хорге Боладо (Jorge Bolado) ги надополнуваат секојдневните сцени кои ги презентира режијата на Пидал и ги прави посебни, без да изгледаат непотребно сценирани. Особено симпатични се сцените кои ја прикажуваат детската перспектива на Хава. Намерно нетемпираниот дијалог создава чувство на вистинска приказна која се открива пред гледачот. Во рацете на Пидал и Хофман, Нада Кадиќ е вистинско суштество од крв и месо. Наместо само да ѝ се препушти на судбината, таа упорно продолжува да живее за себе и својата ќерка, ден за ден, случка по случка, како и сите ние. Топло препорачувам!
Атанас Димитров