„Ти ја имаш ноќта“ ја покажува безживотноста зачувана во душите на ликовите

„Бавното темпо е предизвикано од долгите сцени кои ги прикажуваат бескрајните огорчени денови.“

Во соработка со Cinedays 2018 и Критичен камп организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.

„Ти ја имаш ноќта” е тешка реалистична драма и првиот долгометражен филм на режисерот Иван Салатиќ. Филмот е снимен во Црна Гора, Херцег Нови. Оваа тажна приказна ја покажува безживотноста зачувана во душите на ликовите.

Сања (Ивана Вуковиќ) останува безнадежна и невработена откако банкротира бродоградилиштето кое ја остава со единствениот избор, да се врати кај семејството. Бродоградилиштето во минатото го претставувало главниот извор на работа и просперитет како што прикажуваат старите видео записи, за разлика од тоа што е денес. Откако Сања се враќа дома кај синот, љубовникот и разведените родители, сите заедно со луѓето во селото Бјела остануваат без ништо; без дом, без работа и без надеж. Пасивниот начин на однесување ја прави ситуацијата уште потешка за гледање.

Градот е претставен како депресивно и темно место прикажано преку неверојатниот избор на колор палета и кинематографијата на Иван Марковиќ, кој совршено претставува дека не се во животот се сончеви зраци и виножита. Бавното темпо е предизвикано од долгите сцени кои ги прикажуваат бескрајните огорчени денови. Филмот прикажува минимален контекст и позадина што ги остава гледачите со безброј прашања. Еден од изворите на информации е радиото каде можеме да слушнеме за сите социјално-политички проблеми во градот. Тага и меланхолија ги опкружуваат луѓето правејќи го филмот тежок за гледање. Иван Салатиќ успева одлично да ја извлече длабоката пораката употребувајќи минималистички но моќни звучни ефекти заедно со сценографијата.

Како се задлабочувате во филмот, така ќе забележите дека сѐ ги опкружува брановите вклучувајќи ги првата и последната сцена од филмот. Филмот како целина е многу тежок и ќе ве предизвика да размислувате долго и длабоко. Монотоната тема го ограничува филмот и привлекува само специфична публика. Филмот кај мене разбуди многу чувства и би го препорачала на сите кои бараат инспирација.

Дијана Дамчевска

Have your say