„Студена војна“ – Судбината одредува, војната разделува

„Павликовски користи европска приказна и дава шмек на филмска елеганција и сценариска иновативност.“

Оцена: 8.5/10.

Холивуд ја типизира љубовната музичка драма и ја надополнува заситената колекција од веќе видени сценарија. Полскиот оскаровец Павел Павликовски користи европска приказна и дава шмек на филмска елеганција и сценариска иновативност во неговиот нов долгометражен игран филм „Студена војна“.

Во ера кога Европа се рехабилитира од Втората светска војна, а Полска сè уште го чувствува влијанието на Германија, диригентот и пијанист Виктор (Томаж Кот) треба повторно да го оформи музичкиот ансамбл „Мажурек“. На кастингот во неговите очи блеснува девојка која не е најталентираната пејачка, но го поседува т.н. „X-Factor“. Харизматичната Зуља (Јоана Кулиг) отскокнува со својата убавина и започнува љубовна врска со нејзиниот учител. Комунистичкото движење го ограничува ансамблот да ја промени својата програма. Фокусот на нивните настапи се променува од културолошко творење кон возвишување на политичките идеали и лидери. Оперативниот менаџер Качмарек ја поддржува промената, но Виктор и Зуља кројат план за бегство во Франција…

Режисерот и сценарист Павел Павликовски по оскаровката „Ида“ повторно се враќа на половината од 20-от век и создава импресивна љубовно-историска драма. Сценариото го прикажува ефектот од војните низ Европа, дури декада откако тие  завршиле со многу животни приказни заглавени во времето. „Студена војна“ е филм кој ќе ве освои и ќе се обиде да ја победи тезата „тие се сакаа, но не можеа да бидат заедно“. Војната стои на патот до љубовта на двојката, но исто така и нивните дијаметрално различни карактери, а сепак судбоносно привлечни еден за друг. Приказната се одвива многу лесно и брзо, а со тоа вусшност забележувате како поминува декада од животите на Виктор и Зуља. Низ филмот умешно се провлекува една песна, од почетокот до крајот, препеана на неколку јазици која ја опишува ситуацијата и животниот тек на угнетените љубовници.

Камерата на Лукаж Жал има маркантна улога во филмот исполнета на моменти со ударни, динамични и анархични кадри од настапите на ансамблот низ европските метрополи, а пак статични и крупни кадри кога во фокусот се осамените концерти на Виктор и љубовната хемија помеѓу пејачката и пијанистот. Филмот иако трае помалку од час и половина со себе носи голем број воодушевувачки сцени. Кулминацијата на црнобелата кинематографија е завршната сцена од филмот, а без зборови ќе ве остави и сцената со огледало кое на гледачот му го доловува погледот во очите.

Актерската игра на Јоана Кулиг заслужува посебно внимание, таа совршено ја игра темпераментната, но заразно заводлива Зуља која не само што го освојува Виктор туку и околината копнее по нејзината убавина. Томаж Кот е отмениот диригент кој е подготвен да го го помине светот за љубовта на својот живот и покажува две лица, строгото и професионално, односно, заљубеното и кревко лице на Виктор.

„Студена војна“ и режисерот покажуваат како во само час и половина да ги употребите сите алатки на филмската уметност и сето тоа да изгледа совршено. Кинематографијата зборува сама за себе, а истото може да се каже за режијата и посебно актерската игра. Филмот патува низ светот и освојува награди, а досега се закити со наградата за најдобра режија во Кан и во нашата земја со бронзената камера на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола.

Полска по „Ида“ повторно има моќен кандидат за најпрестижната награда од филмската акедемија на САД, а „Студена војна“ ќе предизвика бура од емоции за вашите молитви насочени кон утописки крај за љубовта на Виктор и Зуља.

Филип Мишов

Have your say