Со десет краткометражни документарни филмови, победници на Филмскиот фестивал во Краков од 1961 до 2000 година, вчера во Музејот на современа уметност во Скопје беше најавено деветтото издание на „Македокс“.
Самите организатори на фестивалот сметаат дека токму во таа бројка – девет – има нешто магично – зошто бројот 9 според нив вибрира со ексцентричност, визионерство, генијалност, неконформизам. Судејќи од претфестивалскиот настан „Полски Пикник“ кој послужи како мала закуска пред големиот оброк, темите кои ги обработуваат избраните филмови суштински ја прикажуваат токму таа филозофија.
Настанот беше одржан во соработка со Краковската Филмска Фондација и амбасадата на Полска, која годинаvа е земја во фокус на „Македокс“. Овој избор не е случаен – креативниот документарен филм во Полска уште од времето на социјализмот изобилува со доста чувствителни и социјално-релевантни теми, како трагедијата на луѓето во тогашниот политички систем, манипулација врз децата, отуѓувањето на човекот итн. Како режисер на дури два од прикажаните документарци („Болница“ и „Седум жени на различна возраст“) е токму еден од највлијателните фигури на филмот во 20-тиот век, Кшиштоф Кишловски, во ерата пред да предизвика мала револуција со својот „Декалог“ (1989-1990).
Надвор од меланхолијата предизвикана со прикажувањето на „Буквар“ на Војцех Вишњевски каде луѓето се замрзнати во банално постоење, можеби највисцерален филм прикажан на пикникот е „Сцени од животот на човекот“ на Бохдан Ѕиворски кој претставува портрет на хендикепиран човек режиран во импресионистички стил што овозможува да се навлезе подлабоко во психата на протагонистот. Тој е уметник кој нема раце, но секојдневно успева да ги ужива работите кои го прават среќен, иако некогаш цената е огромна.
Тема која се проткајуваше низ сите филмови, помалку или повеќе, е смислата на постоењето, егзистенцијализмот и (не)важноста на секојдневието и малите нешта. „Болница“ и „На железничката линија“ ги прикажува едноставните обврски на работниците – железничари или доктори, клаустрофобичноста која ја носи рутината, но и причините кои ги довеле до таквиот избор, нивните сонови и потреби да се предадат на световноста на работата која ја вршат.
Спротивно од тоа, „Коса“ и „Музичарите“ ја прикажуваат убавината во ситниците, случајниот хумор кој го има насекаде, немарноста во луѓето која произведува убавина понекогаш. А „Основно училиште“ нè потсетува дека вистината ја бараме од најмали, дека големите прашања за животот и постоењето некои ги мачат од најмала возраст, но и дека нема цел да се одговараат овие прашања.
10 филма, лежерна проекција и пријатен ветар во споредна улога, ладни пијалоци и полска музика – пикникот беше 7-часовен настан кој успеа каде што малку успеале претходно – успешно да победи летна монотонија во полумртов град. Уште четврток да беше утре.
Петра Бранковска
Стефанија Тенекеџиева