Кон „Ситница“ во режија и сценарио на Младен Станиќ, кинематографија на Сара Мориц.
Оцена: 4/5.
Постои една стара изрека дека луѓето кои најмногу ги сакаш, најмногу и ги повредуваш. Филм, книга, перформанси – голем број од највлијателните творби во историјата ја делат истата конотација. Не е изненадно што токму тие најдлабоки емоции се користат за креација на први обиди во кинематографијата. Токму таков пример претставува студентскиот краток филм на Младен Станиќ „Ситница“ кој користи семејна несреќа и смрт како двигател на многу комплексни семејни интриги.
Бранко (Мате Гулин) и Наташа (Наташа Копец) се татко и ќерка кои доживуваат огромна несреќа – тие ја губат својата сопруга/мајка, и Наташа не ја крие својата лутина кон татко си – таа му одговара со иронија на прашањата, избегнува да го пушти во својата интима и не сака да го вклучи во својот секојдневен живот. Бранко е свесен за тоа, па иако атмосферата е видливо тензична, тој не се откажува од неговата мисија. Ја наговара ќерка си да го однесе до Загреб со цел да види стар пријател, но и да се приближи емоционално до Наташа иако знае дека тој и само тој е одговорен за нејзината антипатија. Целиот план не оди како што треба, а режисерот покажува голема доза трпеливост и контрола врз настаните.
Иако трае едвај 23 минути, содржината е паметно презентирана со темпо кое дозволува заокружување на едно целосно емоционално патување. Камерата која ги следи Бранко и Наташа е фиксирана на нивните лица кога имаат тешка дискусија, па лутината и антагонијата која таа ги чувствува кон својот татко се успешно прикажани. Голема улога во целосното чувство дека не станува збор за само студентски филм има самата Наташа Копец чија глума е сирова, убедлива и емотивно впечатлива. Заедно со Мате Гулин имаат таква хемија што се чувствува во секој момент во нивната скршена врска. Можеби намерата не е да се прикаже надеж во ова деби, но тагата за сè што е неповратно е испреплетена во молекулите на делото.
Семејните кавги, интриги и лудило се далеку од најоригиналната идеја за прво филмско остварување. Сепак, сè што недостига во некој вид на оригиналност може да се надомести со правилно доловена приказна и чувства кои допираат до конзумирачите на оваа уметност. Ако се оценува според ситници, тогаш оние во филмот на Младен Станиќ имаат позитивно влијание врз крајниот резултат.
Петра Бранковска