Во соработка со Cinedays 2018 и Критичен камп организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.
Оригинално име: “Ti imas noc”
Жанр: Драма | 5ти септември (Италија)
Актери: Јасна Џуриќ, Борис Исаковиќ, Никола Манојловиќ, Петар Пејаковиќ, Лука Петроне, Момо Пичуриќ, Марко Стибохар, Никола Стојановиќ, Алиса Вонг и Ивана Марковиќ.
Овој филм е во режија и сценарио на Иван Салатиќ и е воедно неговиот прв долгометражен, игран филм. Носител на филмското дејствие е Сања (Ивана Вуковиќ), која работи како чистачка на најголемиот брод во Црна Гора. По некое време таа им се враќа дома на нејзиниот син, нејзиниот брат и нејзиниот љубовник, каде што се оди во погрешна насока, поради банкротирањето на бродоградилиштето кое остава безброј луѓе без работа. Бес, тага и незадоволство се главните нешта кои можев да ги почувствувам додека го гледав филмот.
За визуелната перфекција на филмот заслужна е палетата на бои употребени во него. Сѐ што гледаме е сиво и темно во тажни, тмурни бои, а камерата е навистина стабилна со што на гледачите им се дава реалистична атмосфера. Кинематографијата (Иван Матковиќ) и целосната монтажа (Јелена Максимовиќ) се екстремно добри. Фантастичната монтажа ми дозволи на мене, како дел од публиката, да се фокусирам на приказната и да навлезам во филмскиот свет кој го создал Салатиќ.
Нема многу музика во филмот, но има многу разновидни звучни ефекти кои му додаваат многу детали на филмот. Фактот дека во секоја сцена гледачите можат да го почувствуваат присуството на огромните, масивни бродови е навистина силен пример за моќноста на аудио ефектите во филмот. Исто така и постојаниот звук на ветерот кој си игра со лисјата од дрвата потсетува на студеното време. Сценографијата се истакнува на свој начин, бидејќи сѐ што гледаме е снимено надвор, на локација изолирана од градот и сцената не е дизајнирана.
Глумата е навистина добро изведена и иако нема многу дијалог, публиката може да ја разбере приказната преку начинот на однесување на актерите кон сето нивно опкружување во различни ситуации како главна алатка за раскажување на приказната. Сето дејствие е намерно развлечено и многу бавно, а според мене, главниот мотив за тоа е заглавеноста на ликовите во своите животи и големата желба да избегаат од таа сурова реалност. Во филмот нема простор за екстремно луксузно направени костими, но костимите кои ги имаа актерите се соодветни за приказната и периодот. Базирано на сите филмски елементи и начинот на кој е направен овој филм, Салатиќ е доста искусен режисер, затоа што филмот не само што е тежок да се направи, туку е и тешко и да се направи разбирлив за публиката.
„Ти ја имаш ноќта“ шири силна и уникатна порака дека животот не е секогаш бајка, која е навистина добро да ѝ се соопшти на целата публика, особено ако голем дел од неа се почетници во животот на возрасните.
Евгенија Арсова