Оцена: 7.5/10
Религија, библија, патријахално семејство, но последниот збор го има бурната пубертетлика, Ола Качановски. Иронијата во едно семејство кое се преокупира околу веронауката на Никодем, но камо тоа да беше нивниот најголем проблем. Ола најдобро го знае тоа и се соочува со сите проблеми, а токму таа е јадрото на овој филм и семејството Качановски.
„Причест“ е долгометражен документарен дебитантски филм на режисерката и сценаристка, Ана Замецка од Полска. За кинематографијата таа соработува со Малгоржата Шилак, додека филмот е во продукција на „Отер Филмс“. Првото филмско остварување на Замецка веќе се закити со награди од неколку филмски фестивали за најдобар документарен филм во Словачка, Турција и Бразил.
Ола е 14 годишно девојче кое живее во мал стан со својот аутистичен брат Никодем и својот наглув татко. Мајката на децата го напуштила нивниот татко, се премажила и се грижи за новороденче. Ола е препуштена на милост и немилост, оди на училиште, ги извршува домашните обврските и води грижа за сè. Таа го подготвува Никодем за претстојната школска причест и го гледа настанот како шанса да се обедини целото семејство,но нејзината мајка постојано се обидува да најде изговор за да ја пропушти церемонијата. Никодем не обожава веронаука и бара посебно внимание, додека татко му најчесто пијан се враќа дома и воопшто не се залага за сопствените деца. Ола иако сè уште е дете, ја има улогата на родител кога се работи за брат ѝ, а притоа се обидува да сврзе крај со крај во семејството Качановски.
Семејна драма која гласно говори за проблемите во едно семејство кое тапка во место и чека само да помине времето пред секој да си ја најде својата животна притока. Темпераментниот карактер на Ола е жарот, двигателот на семејството, додека аутистичниот свет на Никодем е убавиот, помалку хумористичен дел на приказната. Режисерката Замецка дава директен, силен приказ на врската помеѓу Ола и нејзиниот брат, љубов преку остар, строг однос, неопходен во отсуство на мајка која треба да ги воспитува децата.
Филмот изобилува со многу емотивни, тензични сцени од кои гледачот може да забележи дека не постои спокоен ден во семејството Качановски. Улогата на католицизмот т.е. религијата во традиционалното полско семејство доаѓа до израз, кога веронауката станува единственото нешто на кое Ола сака Никодем да се фокусира. Навидум, Ола одлично се носи со отсуството на својата мајка, иако на површина испливуваат нејзините разговори со мајка си каде таа постојано ја прашува дали ќе се врати дома.
„Причест“ е квалитетен документарен филм, во кој на моменти гледачот го добива чувството дека гледа игран филм со вистински актери и наратори. Но, вистината е дека Замецка и нејзиниот кинематографер одлично соработуваат да ги истакнат ударните кадри. Оние внимателно компонирани, емотивни кадри помеѓу нервозната, но загрижена Ола за брат ѝ и проблемите во семејството, наспроти нејзиниот летаргичен татко. Сцените со Никодем и неговите фиктивни игри со животните, неговиот испад во црквата внесуваат хумор во сивилото на семејството Качановски. Мала доза хумор, но потребна да не пропадне филмот во црната, депресивна дупка. Вистинска приказна, која боли и ве тера да се надевате на подобро утро за Ола и Никодем. Заслугите одат кај Ана Замецка и нејзиното фантастично прво филмско остварување, квалитетот го неутрализира искуството на режисерката. Топла препорака за семејна драма!
Филип Мишов