Уште во првите неколку минути на „Полицајци“ (Cops) се забележуваат влијанијата на семиналните американски полициски драми и акциски филмови врз режисерот Стефан Лукач (Stefan Lukacs), подобро познат како Истван. Тематските поврзаности со приказните на „End of Watch“, „The Departed“, „SWAT“ и „The Wire“ се очигледни. Сличностите со овие филмови завршуваат со начинот на кој Истван ја обработува оваа материја, црпејќи инспирација од нив, но останувајќи со нозете цврсто на европско тло.
Младиот полицаец Кристоф (Лоренс Руп/Laurence Rupp) отсекогаш знаел дека сака да биде дел oд ВЕГА – одредот за брзи интервенции во Виена. Уште на својата прва задача, за да го заштити својот водач, Константин (Антон Нури/Anton Noori), тој застрелува напаѓач со нож. Константин и останатите членови на одредот го прогласуваат за херој, а полицијата брзо ја затвора истрагата заклучувајќи дека станува збор за оправдана употреба на смртоносна сила. Тоа што останува недоистражено е прашањето дали воопшто била потребна интервенцијата и на кој начин била изведена. Кристоф полека почнува да се сомнева во исправноста на својата одлука, но и во процесот кој води до вакви насилни исходи.
Истван, во своето режисерко деби, не цели да ги глорифицира животите на полицацијте. Преку внимателно врамениот наратив, гледаме како внатрешниот живот на Кристоф почнува да се распаѓа. Наместо херојот кој сите велат дека е, тој во себе почнува да гледа одблесоци на нешто нечовечно, монструозно. Неговиот неуспешен обид да ги репресира овие емоции и впечатоци создава тензија со неговите блиски. Тој влегува во конфликт со неговата девојка, Мариане (Марија Хофштетер /Maria Hofstätter ), при крај со своето студирање во полициската академија. Истото се случува и со неговиот татко, Хајнц (Роланд Дурингер/Roland Düringer), кој исто така е полицаец. Овие односи создаваат дополнителен стрес врз Кристоф.
Комплексниот однос меѓу Кристоф и Константин, пак, е главниот фокус на приказната. Константин ја подржува атмосферата на мачизам и насилство во одредот, сокривајќи колку и самиот пати од неа. Под неговото водство, ВЕГА станува сурогат семејство на сите кои работат таму, но по цена на нивните вистински семејства. Нури го игра со такт и длабочина, до таму што на моменти скоро и ја презема улогата на главен лик од Кристоф. Вистинско уживање е да се гледа неговото нијансирано портретирање на Константин.
Кинематографијата на Жаосу Хан (Xiaosu Han) и Андреас Талхамер (Andreas Thalhammer) го потенцира реализмот на филмот. Тензичните ситуации засилени со прецизното кадрирање и монохроматската палета ги заземјуваат сцените и го потенцираат чувството на ментална затвореност кое Кристоф го крие во себе. Оваа затвореност е засилена од техно музиката која се појавува во неколку клучни моменти во филмот и дополнително го врамува дејството.
Истван нашол нова материја во рамките на старите жанровски правила на игра. „Полицајци“ нуди оригинално, проникливо согледување на модерниот полицаец, зад кој, како и зад сите други се крие еден несовршен, самосвесен – човек. Филмот е одлично првенче, кое е вредно за гледање. Препорачувам!
Атанас Димитров