Оцена: 6/10.
Ретко кој сака да зборува отворено за своите проблеми, стравови и претрпени трауми. Понекогаш како чудни се окарактеризирани оние кои ја покажуваат својата кревка страна и слободно ја отвораат вратата до нивните длабоки рани. За жал, така е во нашата земја, во Македонија. Свеста кај луѓето за овие психички растројства како депресијата сè уште е на релативно ниско ниво, овие состојби се третираат како избор. Не, стравот не е избор, депресијата не доаѓа сама по себе, а ниту пак семејното или сексуалното насилство е нешто преку кое лесно може да се помине… „Поглед во очите“ е портал до душата на две млади девојки кои го раскажуваат влијанието на животниот тек предизвикано од сексуално насилство, борбата со депресија и изолираност од реалниот свет.
Дел од продукцијата „Доникулци“ на МакеДокс, „Поглед во очите“ е дебитантски краткометражен документарен филм на младата режисерка Јоана Арсоска. Зад напишаното сценарио исто така се потпишува авторката Јоана, додека за снимањето се заслужни Матеа Козовски и Стефан Божиновски. Во филмот има две протагонистки, од кои едната е лик со скриен идентитет, а пак другата е самата режисерка и сценаристка, Јоана.
Вистинска приказна за две девојки од Македонија кои го раскажуваат трауматичното искуство наречено сексуално насилство и животот пред и потоа. Обичен ден на училиште се претвора во кошмар и довербата во погрешен човек прераснува во лузни кои остануваат живи до крајот на животот. Моменти, секунди кои се претвораат во денови, апел за помош кој не допира до никого и затворањето во себеси барајќи ја вината на погрешно место. Животот за нив никогаш повеќе нема да биде ист, а тие се препуштени сами на себе во темната соба на депресија.
Првиот филм на младата 17 годишна режисерка Јоана храбро и моќно ја пренесува својата приказна на филмското платно. Драма, која е тешка за гледање од аспект на емоциите и чувствата кои ги пренесува на гледачот. Наратори во филмот се двете девојки, кои раскажуваат без да им биде прикажано лицето, со сите воздишки и прекини во говорот поради навраќањето на кобните моменти. Статичните кадри, сцените од училиштето, градскиот парк, погледите од Скопје помагаат во оформувањето на сликата за дополнувањето на приказните. Тишината говори повеќе од музиката, ја покажува црната страна на преживеаната траума и борбата со последиците.
„Поглед во очите“, маркантен наслов кој сам по себе носи болка и соодвествува со приказната во филмот. Одлична приказна, интересна визија, но изведба и реализација со можност за подобрување. Храбар чин на режисерката да го открие својот идентитет, да се соочи со болката, да ја подигне свеста кај сите оние кои биле жртви на сексуално насилство, гласно да проговорат и да се ослободат од тежината која ја носат. Но, филмот би добил драстично повеќе на квалитет, промена на атмосфера, доколку во самиот опис режисерката не се именуваше како протагонистка, туку доколку тоа го оставеше како изненадување за гледачот на самиот крај од филмот. Со оваа алтернативна верзија, доживувањето на приказната ќе беше неспоредливо. Описот привлекува и интригира за да се погледне филмот, но дава бледа сенка за крајот кој има потенцијал да се претвори во еднократен емоционален удар за гледачот, и дополнително да се пренесе емоцијата која сака да ја искаже филмот.
Филип Мишов