Кон „Остров на гладните духови“ во режија на Габриела Брејди и кинематографија на Мајкл Латам.
Оцена: 3/5.
Божиќниот остров во срцето на Индискиот океан се одликува со многу природни убавини. Тропска клима, огромна популација ракови кои уживаат големи права во полза на нивно размножување, недопрени и сурови шуми. Едно од последните откриени места на планетата Земја, овој остров крие и не толку позната тајна – тој е домаќин на еден од најголемите центри за задржување имигранти во Австралија уште од 2001 година. Голем број од луѓето кои се затворени таму не уживаат ни приближно еднакви права на слобода како што имаат другите резиденти на островот – раковите.
Темата која е во фокусот на првиот документарен филм од австралиската режисерка Габриела Брејди е третманот и судбината на имигрантите. Сепак, „Островот на гладните духови“, именуван според традицијата на Кинезите на островот кои веруваат дека првите луѓе кои умреле таму не биле закопани, не знае на што да се осврне.
Во поголемиот дел од овој 94 минутен документарец ја следиме По Лин Ли, психолог која работи како емоционален советник на затворениците во центарот за незаконско задржување. Таа има многу тешка работа пред себе која полека започнува емотивно да ја погодува – да им помогне да живеат со ситуацијата во која се најдени. Таа го прави тоа преку разговор со луѓе од различни националности кои и ја раскажуваат нивната животна приказна. Дел од нив напуштиле сурови режими, бегале поради малтретирања и закани по нивните животи, па и насилно биле одвојувани од своето семејство – нешто што се повторува во центарот за задржување.
Нивната приказна е пресечена со таа за островот, односно традициите на луѓето кои нормално живеат таму. Тие имаат огромна почит према природата и животните кои таму живеат, прикажано преку филтри кои ја истакнуваат живописноста на просторот пропатени со морничава музика што алудира на опасност. Сите овие навидум случајно нафрлени сцени и факти го претставуваат и најголемиот проблем на овој филм – тој не знае што сака да биде ниту што сака да претстави. Емоционалниот импакт и социјален коментар не се во главен фокус.
„Островот на гладните духови“ е добитник на многу награди, а една од нив е за најдобар документарец. Експерименталната музика на Арон Каплс креира атмосфера на меланхолија, очај и опасност која во спој со камерата на Мајкл Латам го засилува чувството на изолација. Сепак, постои многу интересен и неуспешен обид на кинематограферот за доволување на внатрешната борба на По Лин Ли во контраст со начинот на прикажување на другите облици на живот. Потрошено е малку време за да се прикаже емоционалната нестабилност на протагонистката во однос на индивидуалните кадри од природа, жители и ракови. Најголемиот антагонист – центарот за задржување на емигранти е виден само еднаш.
Божиќниот остров, кој во еден момент задржувал дури 3000 затвореници, има историја која заслужува да се открие и дискутира. Таа историја за жал е многу малку начната во „Островот на гладните духови“. Моментално центарот задржува околу 333 луѓе чија судбина не е одредена, и како што велат самите тие во филмот: „Ова е полошо од затвор – таму бар знаеш кога ќе излезеш“. Уште и самиот филм да знаеше која порака сака да ја пренесе.
Петра Бранковскa