Кон „Остров на кучињата“ во режија на Вес Андерсон, кинематографија од Тристан Оливер, музика од Александре Десплат.
Оцена: 5/5.
Кучињата, кои се протагонистите во новиот анимиран филм на американскиот мајстор на естетиката, Вес Андерсон („Големиот Хотел Будимпешта“, „Кралските Тененбаумс“), касаат, се тепаат меѓу себе за храна, но никогаш не лаат. Тие зборуваат на перфектно концизен aнглиски јазик со таков смирен и на моменти меланхоничен тон додека демократски одлучуваат за нивниот следен чекор во безизлезната ситуација во која се имаат најдено.
Во светот кој го има креирано Андерсон, јапонскиот град Мегасаки е под контрола на автократскиот градоначалник Кобајаши (Куничи Номура) кој е воедно и голем обожавател на мачки. Поради широко распространетиот кучешки грип, тој наредува сите кучиња, домашни и улични да се протераат на Островот на ѓубрето каде се оставени сами на себе. Оваа ситуација предизвикува класната поделба која постоела порано помеѓу кучињата да исчезне, односно да се формираат глутници кои што се борат меѓу себе за парче храна така што линијата помеѓу домашно и улично куче е пребледа.
Централната глутница во приказната е составена од неколку кучиња и тоа: Рекс (Едвард Нортон), де факто лидерот кој ја одбива таа етикета, Шефот (Бил Мaреј) кој е поранешна маскота, Кралот (Боб Балабан) кој е поранешен актер во кучешки реклами, Војводата (Џеф Голдблум) кој главно се занимава со озборување на другите кучиња и Поглаварот (Брајан Кранстон) кој е црно, валкано и единственото улично куче од групата. Како таков, поглаварот редовно ги потсетува останатите членови за своето потекло со одредена доза на шекспировска огорченост и гордост дека тој гризе, па оттаму постои. Поглаварот е емотивната потпора на целиот филм зошто тој е воедно и најкомплексниот лик кој се бори со толку многу внатрешни конфликти поврзани со својот идентитет кои ескалираат кога во животот на глутницата ќе влезе Атари (Коју Ранкин), јапонско момче кое илегално пристигнува на островот за да си го најде својот миленик Спотс (Лив Шрајбер).
Токму со тој настан, филмот започнува да се револвира околу потрагата по Спотс, па гледачите попатно се сведоци на едно емотивно созревање на младото момче, но и на отфрлање на огорченостите од минатото во име на нов и подобар живот од Поглаварот. „Остров на Кучињата“ не е само студија на еден карактер, туку заедничка работа на цел ансамбл каде сите актери успеваат индивидуално да ја доловат болката која кучињата ја чувствуваат кога се отуѓени од своите човечки сопатници, па и крајната реализација дека иако постојат луѓе кои ги сакаат, нив никој не ги поседува. Тука се испреплетени и повеќе филозофии кои се суптилно испратени до гледачите како судирот помеѓу демагогот и научните експерти, ограниченоста на демократијата кога мора да се преземе некоја акција како и вредноста на искреното новинарство во новото време на лажни вести.
Филмот трае час и половина, и тешко е да се поверува дека толку многу супстанцијална и емотивно тешка содржина е компактно спакувана во сценарио кое претставува глас за социјалната политика на новото време. Единствените луѓе кои можеби не би се согласиле се љубителите на мачки.
Петра Бранковска