„Викај ме Тони“ – Ниту возрасните не знаат што прават

„Од една страна клаустрофобичното, магливо мало гратче од кое е тешко да се излезе, малиот број на ликови кои се појавуваат во филмот и едноличноста на животот таму. Од другата страна, имагинацијата и младешкиот ентузијазам на Конрад, кој на почетокот од филмот изгледа бесконечен.“

Оцена: 3/5.

Замислете го “Lady Bird”, без холивудски тим, без накитено сценарио и позната актерска ѕвезда, со вистински машки лик, сместен во рурална Полска. Така ќе го добиете „Викај ме Тони“, документарен филм на полскиот режисер Клаудиуш Хростовски, чиј кинематографер е Мичал Лука, монтажата е на Себастиан Малик, а зад звукот стои потписот на Олга Пастернак.

Овој документарец за животот на 18-годишниот Конрад Сервотка е типична приказна за растењето и созревањето, недоумиците кои ги носи станувањето возрасен и тешкотиите човек да се пронајде. Филмот нема наратор, но поголемиот дел од секојдневието на Конрад е документирано, поради што не се насетува потреба од раскажувач. Но, она што го прави овој филм поразличен од безброј филмови со таква тематика, е што протагонистот Конрад е вистински човек со вистински проблеми.

Конрад, или „Тони“, како што би сакал да го викаат, живее во мал рударски град во јужна Полска. Деновите му поминуваат на тренинзи за бодибилдинг, часови по глума или танц. Премногу е сериозен и посветен на бодибилдингот за дете на негови години, и постојано е под притисок дека треба да биде подобар. Подобар бодибилдер, подобар актер, подобар ученик, подобар син. Неговиот отсутен татко е причината со овој притисок, и иако гледачот не го запознава, добро е свесен за неговото влијание на младиот Конрад. Животот со разделени родители го прави поодговорен, но и малку маничен и отуѓен од луѓето на негова возраст.

Филмот одблизу го претставува животот на средношколецот низ неколку месеци. На почетокот, протагонистот е насочен кон една цел и знае што сака од животот. Посветен е во секој миг од денот на постигнување на таа цел. Како што поминуваат месеците, неговите цели се менуваат и се појавуваат нови пречки.

Режисерот одлично ни го прикажува Конрад и неговата емотивна состојба преку јукстапозициja: од една страна клаустрофобичното, магливо мало гратче од кое е тешко да се излезе, малиот број на ликови кои се појавуваат во филмот и едноличноста на животот таму. Од другата страна, имагинацијата и младешкиот ентузијазам на Конрад, кој на почетокот од филмот изгледа бесконечен.

Низ краток временски период, Конрад станува човек на крстопат, кому ниту една патека не му е јасна и лесна. Учи дека сега е возрасен и изгубен. Тоа што никој не му го кажува е, веројатно, дека животот ќе биде таков – полн со нејаснотии и без одговори на прашањето „Што сум и кој сум? Што треба да направам следно?“.

Со „Викај ме Тони“ лесно би резонирала секоја млада личност на 20 и некоја година. Филм за милениумците и нивните егзистенцијални кризи за кои никој не зборува и не ги признава. „Викај ме Тони“ сите би сакале да го гледаат пред да се запишат на факултет, за да видат дека не се сами. Иако ликот е малку бизарен и потсмешлив, во секој човек се крие по еден Конрад – збунет, изгубен и со латентна егоцентричност која ги крие несигурноста и потребата да се биде дете што подолго.

Филмот трае 63 минути, и доколку би бил малку подолг, со сигурност би станал здодевен. Сепак, „Викај ме Тони“ го одржува вниманието, чувајќи доза енигматичност и неизвесност до последните минути.

Стефанија Тенекеџиева

Have your say