Да требаше да се заснова оценката за филмско остварување само врз основа на реакциите за него, ќе требаше да помислиме дека „Touch me Not“ е или најдоброто нешто што му се случило на филмот оваа година, или целосно промашување. Ако му ја направите честа да го гледате без тие предрасуди и очекувања, првенецот на Адина Пинтиле (Adina Pintille) е силен во својата нежност.
Низ тесни, внимателно компонирани кадри, Пинтиле говори за интимноста и целосниот спектар на луѓе кои треба да живеат со неа – или со недостатокот од неа. Лаура (Лаура Бенсон / Laura Benson) е средовечна актерка, од чиј страв од човечки допир и најверојатно е инспириран насловот. Резервираниот Томас (Томас Лемаркис / Tomas Lemarquis) пати од врска која завршила и потајно ја следи неговата бивша девојка. Кристијан (Кристијан Барејлајн / Christian Bayerlein), кој боледува од ‘рбетна мускулна атрофија, гордо пркоси на очекувањата на општеството за неговиот живот, сексуалност, судбина. Ликовите следат одредена рутина – го живеат својот живот, работат, одат на терапија, за во некој момент да седат пред камерата на Пинтиле, која и сама игра како лик во филмот. Секој од нив додава импулс во овој експеримент.
Неопеан херој на продукцијата е кинематограферот Џорџ Чипер (George Chiper), кој успева да земе светли, стерилни локации и да ги направи топли. Широко отворените бленди на неговата камера ги обвиваат повеќето сцени во густо боке, повлекувајќи ве во внатрешниот свет на ликовите. Монтажата на кадрите (исто во рацете на Пинтиле) создава одмерен преод од една сцена во друга, без да изгуби на темпо или на интензитет.
Пинтиле е свесна дека чекори по тенка линија со времетраењето на филмот, во кој дејството се развива повеќе документаристички, органски, отколку типично драмски. Наместо да вметне вештачки подеми и падови во него, таа оди на сѐ или ништо. Нејзината умешност се познава токму во таа едномисленост, сингуларноста на целта. Во своите најдобри моменти, филмот прераснува во медитација. Оваа цврстина на насоката го покажува и можеби највоочливиот недостаток на филмот. Дознаваме многу интимни детали за ликовите, но во воздухот виси чувството дека тие се повеќе возила за пораката на Пинтиле отколку целосни.
Гледаме ли во вистинските длабочини на нечии души, или само во визијата на режисерката за тоа како тие длабочини треба да изгледаат? Гледаме ли прошетка или парада? Некои моменти посочуваат на вториот одговор. Тука, најверојатно и се наоѓа дел од контроверзноста на филмот.
Дали токму Пинтиле и “Touch me Not” требаше да ја добијат Златната Мечка? Жирито веќе одлучи.
Дали треба да го гледате филмот? Секако!
Атанас Димитров