Бел, меланхоличен свет на режисерска иновативност и експлицитна сексуалност
Оцена: 6.5/10.
Во ера кога блокбастерите на Холивуд само ја начнуваат темата „сексуалност и интимност“, а филмските остварувања ги филуваат со сценарио и приказна, Европа не останува покуса, туку напротив, навлегува во сржта на темата. „Не допирај ме“ е дебитантски долгометражен игран филм на 38 годишната Адина Пинтилие, кој се наметнува како личен истражувачки експеримент на храбрата романска режисерка.
Режисерката е дел од приказната која балансира на јажето помеѓу реалност и фикција. Филмот ги следи животните интими на Лаура (Бенсон), Томас (Лемарки) и Кристијан (Баерлајн) кои индивидуално имаат различни сексуални доживувања. Тие во зависност од карактерот и самодовербата полека се ослободуваат и говорат за нивните желби и приватност. Целиот процес оди по непозната патека и се претвора во љубопитен следбенички ланец на градација по степен на сексуална самодоверба т.е. од најслабиот кон најсилниот…
„Не допирај ме“ е издвоен од реномирани филмски аналитичари како потенцијална насока во која филмот би се движел во иднина, поради начинот на кој е компониран, експерименталниот пристап и улогата на актерите. Оваа теза и постулат, филмот ја поткрепува максимално со гранките на филмската уметност, но потфрла со експлицитните сцени и пристапот кон публиката. Режисерката не се води по класично напишано сценарио со дијалози, туку филмот е плод на делумна импровизација и чувство во моментот на снимање.
Адина воодушевувачки пренесува богат репертоар на различни емоции преку филмското платно кои ќе ве оттргнат од т.н. комфор зона. Иако жанрот не е хорор или мистериозен трилер туку драма, дел од тој пренос на емоции влече дебели конци на страв, агонија, гадење и непријатно чувство кое го искусува гледачот. Романската режисерка во обид да ја долови психичката состојба на главните ликови, на неколку минути ја менува улогата на Лаура која застанува позади камерата. Пинтилие почнува да пелтечи и не може да биде своја кога е во фокусот на внимание. Во позадина музичката тензија ја воспева несигурната атмосфера, а во времетраењето од 123 минути неслучајно се повторува песна на германски јазик за меланхолија.
Филмот изобилува со симболика која го оформува во целина како комплетно филмско остварување. На самиот почеток, тоа започнува со кадарот во кој е ликот на режисерката позади камерата која се подготвува за снимање. Романскиот кинематографер Георге Кипер најчесто користи статични крупни кадри кога главните ликови го отвораат прозорецот до нивната душа, но она што навистина импресионира е симболиката на стаклото. Сцените во кои Лаура го следи Томас се претставени преку рефлексија на стакло, кое е приказ за пречка помеѓу ликовите. Стаклото се отсликува како проѕирен ѕид низ кој Лаура гледа на другата страна, но стравува да пристапи и помине, да оствари комуникација. Исто така, дел од оваа симболична кинематографија е една од завршните сцени кога голите тела на актерите се поставени во позиција „Јин и јанг“. Тоа иако не е визуелизирано од птичја перспектива, нивната положба се забележува и од статичниот страничен кадар.
Актерите во филмот ги имаат нивните лични имиња, но отсуствуваат презимињата. Лаура е жена во години која крие болна приказна, избегнува близина со луѓе и допири, но сака сексуални чувства и сака да истражува. Таа одлично се носи со тешката задача, а тоа важи и за нејзините колеги Томас и Кристијан. Главните ликови имаат комплексна улога, целосно да се препуштат на камерата која навлегува длабоко во нивната приватност, а кај нив воопшто не се забележува трема или непријатност. Физичкиот изглед на Лаура потсетува на Сали Хокинс, па неизбежна е споредбата со оскаровецот „Обликот на водата“, асоцијацијата со голотијата и приказот на нејзиното голо тело во кадата.
„Не допирај ме“ вреди да се означи како храбар потег за дебитантски филм на режисерката Адина. Таа создава експериментално филмско дело со примеси на документарен филм кое плени со одлична актерска игра, фантастична кинематографија и разновидна симболика. Истовремено, тоа ќе ги подели гледачите поради бројните невкусни сцени кои не се за сечие око.
Ретки се тие кои успеваат да го догледаат филмот, а уште поретки оние кои би го погледнале неколку пати. Спектарот на непријатни чувства ќе ве однесе на работ да си заминете од киносалата, а назад ќе ве повлече само филмската уметност која ја освои наградата „Златна мечка“ на филмскиот фестивал „Берлинале“.
Филип Мишов