Кон „Не допирај ме“ во режија и сценарио на Адина Пинтилие, кинематографија на Џорџ Шипер.
Оцена: 4/5.
„Како да љубам друга личност без да се изгубам себе си?“ е прашањето кое ја мачи младата режисерка од Романија, Адина Пинтилие. Таа не пристапува класично кон својата уметност инспирирана од нејзините внатрешни борби, туку напротив.
Како го знаеме ова? Адина, заедно со своите ликови влегува во длабоко, толку интимно колку што е и непријатно истражување на емоциите и сексуалноста во една хибридна мешавина на игран филм и документарец. „Не допирај ме“ е суров колку што е грд, непријатен, дури и вознемирувачки во својата реалност каде во 123 минути се спакувани телесни течности, гениталии, „девијантни“ сексуални уживања помешани со најчистите форми на топлина, љубов и прифаќање на себеси.
Лаура (Лаура Бенсон, убедлива и истрајна во борбата за ослободување на нејзината сексуалност) е човек кој пати од низа несигурности. Одредени трауми предизвикале да веќе 50 годишната жена не може да ужива во никаква интимност, па стравот има голема улога во нејзиниот живот. Таа неуморно се бори да го победи тој хендикеп користејќи различни методи: воајерство, експериментирање со трансродово лице, па дури и помош од професионалец во садомазохизмот. Дел од терапијата е и филмот во соработка со романската режисерка, која со огромен интерес го следи прогресот на Лаура.
Камерата внимателно и со огромна доза на емпатија ги набљудува и Томас (Томас Лемаркиз, совршено стоичен како еден тешко пристапен лик) и Кристијан (Кристијан Бајерлен, реална личност која се глуми себеси за максимален ефект) кои не припаѓаат во општествените норми за физичка убавина. Нивната приказна е проткаена во сцени каде леќите на Џорџ Шипер користат стерилно сини бои во прикажувањето на нивната банална секојдневност во свет кој не ги прифаќа лесно.
Сценариото е толку убедливо во својата реалност и самодоверба што гледачот во одреден момент ќе посака да го види светот низ очите на Кристијан. Музиката на Иво Паунов е лубрикантот кој создава уникатна слеаност на сите индивидуални приказни во еден филозофски, кохерентен смисол. Не е важно дали се работи за амбиенталниот електронски звук во клуб за фетишизам или за клиничка тишина во здравствена установа, атмосферата на сирова искреност и навлегување во интима на туѓинци кои ги откриваат своите најголеми стравови, фантазии и страсти е намерно неудобна. Авторите на филмот бесрамно праќаат порака дека реалноста на овие ликови е грда, но истата е вистина за сите луѓе.
„Не допирај ме“ не е атрактивен филм, ниту лесен за дигестија. Просечен човек не сака да навлегува во интимата на друг, непознат за него лик од страв да не пронајде работи кои директно се отсликуваат на неговиот живот. Уметноста произлегува од начинот на кој е доставена болката, стравот и борбата за прифаќање на сопственото јас, толку нежно кажано но сепак неубаво на изглед. Со „Златната Мечка“ од Берлин позади неа, Адина Пинтилие има визија која тешко се заборава – за подобро или полошо.
Петра Бранковска