Накратко за кратки македонски филмови: „Железната приказна“ и „Обид за среќна приказна“

„„Железната приказна“ има стаклени нозе, а „Обид за среќна приказна“ успева од прва.“

„Железната приказна“ има стаклени нозе

До каде сме подготвени да одиме за тие што ги сакаме? „Железната приказна“ на Златко Калеников го разгледува ова прашање. Перхан (Бајрам Северџан) е приведен во полициската станица заради кражба на старо железо. Неговиот распит е брзо прекинат со пристигнувањето на неговата сопруга (Јелена Јованова-Периќ) и неговата посвоена ќерка Фати (Моника Бошковиќ). Дознаваме дека Фати знае повеќе од Перхан за тоа како старото железо се нашло во неговиот двор. Преку „Железната приказна“, Калеников се обидува да претстави една мала, урбана бајка. Сцените кои ја врамуваат приказната имаат нишка на сокриена магија во нив, како тие кога Перхан го вози своето семејство околу градот, полн со летни бои и мали пејзажи.

Но неговиот симпатичен визуелен пристап се судира со недостатоците на сценариото и неколку нејасни режисерски одлуки. На самиот почеток на дејството сме соочени со сцена на полициско насилство, кое наместо комично, изгледа невкусно, не само поради скорешната историја на контекстот во кој се вклучуваат, туку и поради имплицитната порака на истото. Филмот избрзано нафрла експозиција во неколку наврати. Дискутабилни се и одлуките за кастингот, каде улогите во Ромското семејство ги толкуваат лица кои не се Роми – ова не е коментар за  актерските способности на екипата, туку на факт дека е чудно да се напише сценарио во кое фокусот е на културата и животите на една етничка група, а во кастингот да не се лоцираат актери кои ѝ припаѓаат на неа.

Северџан и Јованова-Периќ сосема добро го користат своето актерско искуство за да ги оживеат ликовите на Перхан и Надире. Бошковиќ, пак, пренесува дел од репликите со преголема мелодраматичност и избрзано. Ова создава потешкотии во гледањето, бидејќи токму нејзината перспектива е таа низ која го гледаме најголемиот дел од филмот. Овие недостатоци ги прават нејзините сцени помалку уверливи. Калеников, соочен со младата актерка, требало повнимателно да ја насочи нејзината игра. Сите овие забелешки не дозволуваат филмот да го постигне својот целосен потенцијал. „Железната приказна“ останува да стои, но на стаклени нозе.

„Обид за среќна приказна“ успева од прва

„Обид за среќна приказна“ е приказна-меланж на минатото и сегашноста на две генерации од едно семејство. Низ перспективата на Ангела (Тамара Ристоска), дознаваме за нејзиното детство, нејзините први љубови и разочарувања, животот на нејзините родители (Игор Ангелов и Кристина Леловац). Сите овие случки Ангела си ги приспомнува во моментот на голема семејна криза, во која единствена постојана потпора е нејзината сестра Михаела (Матеа Јанковска).

За своето режисерско деби, Лавинија Софрониевска земала голем залак. Во нешто повеќе од 15 минути, гледаме дузина кратки приказни од животот на Ангела, кои се напластуваат доволно брзо за да се чини дека ќе го преплават центарот на рамнотежа на главната приказна. За среќа, Софрониевска го наоѓа своето сидро во Ристоска, чија нарација и присуство од почетокот до крајот на филмот успева да ја заземји приказната и да го задржи внимението на публиката. Потешко е да се најде емпатија за дел од другите ликови кои брзо дефилираат на платното. Во краткометражен филм како овој, режисерката кога-тогаш мора да се судри со продукциските и временските ограничувања. Сценариото на Софрониевска поставува неколку моменти во кои гради контакт со публиката, како кога мајка ѝ на Ангела внимателно се грижи за цвеќињата кои толку ги сака. Нејзиниот внимателен режисерски пристап најчесто успева да го следи темпото на многуте наративи кои се вметнати во релативно краткиот филм. Успехот да се балансира еден наративно комплициран филм како „Обид за среќна приказна“ е добра увертира за делата кои ќе следат од Софрониевска,  па вреди да се погледне.

Атанас Димитров

Have your say