Надежта прва умира во „Фамилијата“

...„естетиката на гнила земја каде надежта прва умира е совршено запазена и пулсира со чувства на сожалување, гадење и безизлезност.“

Кон „Фамилијата“ во режија и кинематографија на Рок Бичек.

Оцена: 3.5/5

Крв, графички и нефилтриран приказ на породување на една жена и куче, телесни течности и ѓубре. Cinéma vérité како форма на документарен фимски приказ не се труди да ја скрие бруталноста и суровата вистина зад камерата, ниту пак да покрие вел на надеж врз животот на младиот Матеј кој е протагонист во емоционалниот ролеркостер на словенечкиот режисер Рок Бичек, „Фамилијата“. Снимен во реално време во период од 10 години, огромен подвиг за долгометражно првенче, камерата следи дете кое живее во семејство каде сите членови имаат проблеми со менталниот развој, па дури и самиот Матеј. Тој мал ментален предизвик за среќа не одзема од неговата интелегенција, ниту од неговата желба еден ден сам да создаде семејство на кое што би можел да му понуди сѐ што е во негова моќ. Напротив, тој е надежен, се разбира во компјутери, зборува англиски, се грижи за својот брат и куче и работи со својот психолог на развивање на неговите способности, и покрај условите на средината каде што живее.

Централниот конфликт е падот на копнежот за добар живот кој неминовно мора да се случи. Ова не е приказна од бајките каде што протагонистот ги победува сите демони, реални и фиктивни, за да живее среќно засекогаш. Кога Матеј наоѓа партнерка за која тој смета дека е вистинската, девојката брзо забременува и тој основа свое семејство, како што отсекогаш сакал. Сепак, суровата вистина е дека условите за живот, карактерните разлики и возраста се фактори кои физички ќе го оддалечат Матеј од својата мала ќерка.

Рок Бичек го прикажал целиот процес на распадот на една врска на многу невообичаен начин. Текот на настаните не е прикажан хронолошки, туку со нагли пресеци и скокови во времето. Тој избор е несомнено направен за да се поврземе со менталната состојба на Матеј и да дознаеме што го принудило да реагира токму така како што реагира. Сепак, не сите би се согласиле со таа одлука. Кинематограферот одлучил да снима со рачно држена камера, што претставува ефективен начин на набљудување на емоционалната состојба на ликот односно ситуацијата. Кај гледачот пак ваквиот стил на нагло префрлување на сцените од минатото или иднината каде што тешко се следи времето, може да предизвика отуѓување и конфузија. Сепак, естетиката на гнила земја каде надежта прва умира е совршено запазена и пулсира со чувства на сожалување, гадење и безизлезност.

Моќната приказна на Матеј е дополнително амплифицирана од начинот на кој што раскажува. Секој збор што го изговара е невин и искрен, поткрепен со неподносливата тишина на околината и природната светлина која е користена во кинематографијата. За време на сите час и 46 минути, неговата фацијална експресија е платното што режисерот целосно го користи за доловување на неминовната трагедија.

„Фамилијата“ не е документарен филм препорачлив за сите. Голем дел од публиката би била одбиена, но еднакво голем дел фасцинирани од бруталноста и реалноста на голем број аспекти од животот на луѓето на кои никој не ни помислува. Постои сцена каде 3 минути гледаме во врата, а позади неа се одвива принудното откажување на човек од своите родителски права. Тоа претставува и климаксот на безнадежноста во „Фамилијата“ – мастер предавање на тема емоционален аперкат.

Петра Бранковска

Have your say