Кон „Над возможното“ во режија на Марта Прус и кинематографија на Адам Сузин.
Оцена: 5/5.
„Ти не си човечко битие, ти си атлетичарка“ сурово возвраќа Ирина Винер, руски професионален тренер и можеби најодбивната личност на филмско платно по ЛаВона Хардинг во „Јас, Тоња“. Постои горчлива иронија што нејзиното презиме е англискиот еквивалент на „победник“ зашто нејзините неортодоксни методи им донеле злато на над 23 индивидуални ритмички гимнастичарки. „Над возможното“ сепак не е нејзина приказна туку претставува интимен портрет на младата атлетичарка Маргарита Мамун која е ментално и физички измалтретирана во името на совршенството.
Како најголемата ѕвезда на рускиот национален тим, Маргарита чувствува притисок каков што никогаш не чувствувала – најмногу поради фактот дека 2016 е нејзината последна шанса за Олимписко злато. „Глупава краво“, „Никаков губитник“, „оди е*и се глупава кучко, и ти и твоето тресење“ се реченици кои ѝ се извикувани рутински, на секои 5 минути. Со порастот на популарноста на спортско-психолошките филмови како „Црниот Лебед“ на Дарен Аронофски, овој третман не е никаква новост.
Сепак, режијата на Марта Прус дозволува да се види едно екстремно, срцекршачко и нефилтрирано малтретирање во реално светло. Евидентно е дека самата режисерка има историја со спортот, затоа што таа истовремено го обожава физичкиот, а и и менталниот напор и страдање што го следи овој спорт. Постои огромна доза почит во портретот на еден толку несимпатичен лик како Ирина Винер, што ја прави оваа полско/германско/финска копродукција брилијантен пример за режирање на реалноста.
Со опфаќање на вакви сензитивни теми, многу е лесно да еден филм непотребно се искомплицира. Марта Прус успешно го избегнува тоа креирајќи лесно процеслив, калкулиран и прецизен документарец кој трае солидни 73 минути. Камерата на Адам Сузин успева секој чекор и потег на Маргарита да го направи да изгледа толку чисто и лесно, како да и доаѓа најприродно на светот.
Боите кои ги користи совршено ја отсликуваат атмосферата – премногу светлина за чистота, бледо сино за меланхолија и нијанси на сиво кои ја следат протагониската низ холовите на салите – веднаш пред одлучувачките моменти на шампионатите во кои што учествува. Филмот не дозволува камерата да се доближи преблиску до неа – туку само ја следи и набљудува во нејзината изолација. Не постои никаква нарација, интервју ниту пак музика за да се дознае нешто повеќе за неа, па затоа и информацијата дека татко ѝ умира од рак предизвикува нов развој на настаните кој Ирина Винер го користи за да изведе подобар перформанс.
Концизен и остар како изведбата на Маргарита која ѝ го носи олимпиското злато, „Над возможното“ претставува блескаво долгометражно деби. Суптилната монтажа и минималистичкиот звук дозволуваат да се почувствуваат бура од емоции – очај, сочувство, убавина и олеснување. Постои уште едно прашање за кое што овој документарец очигледно има позитивен одговор – дали целта ги оправдува средствата?
Петра Бранковска