Накратко за кратки македонски филмови: „Магнолија“ и „Gottlieb“

„„Магнолија“ е тивка меланхолија. „Gottlieb“ е несекојдневен портрет на менталните затвори.“

„Магнолија“ е тивка меланхолија

Во една мала куќа во која како времето да запрело, средовечна професорка работи, живее и чека. Без брзање ги поминува своите дневни ритуали, иако во нејзините очи се гледа чувство на длабок внатрешен немир. Лицето на Искра Ветерова во главната улога кажува многу повеќе од неколкуте реплики кои и се дадени. Таа изгледа сосема природно во анахронистичкиот стан во кој живее, опкружена од финиот мебел, порцелан, книги и сопствените мисли. Режијата на Ана Опачиќ, пак, дише во такт со нејзината игра.

Поставена централно во скоро сите сцени, Ветерова го исполнува просторот со енергија. Исклучок се само повремените телефонски повици, кои ја извлекуваат од своето секојдневие и се нејзината единствена врска со надворешниот свет. Одмерените, бавни движења на камерата го вовлекуваат гледачот во светот на Опачиќ и прават филмот да изгледа уште пократок од своите 20 минути. До крај не дознаваме, иако е наговестено, која е причината за меланхолијата на ликот. Тој недостаток на јасен расплет нималку не одзема од впечатокот. Напротив, мистеријата само го дополнува чувството на доза магија во филмот. Препорачувам.

„Gottlieb“ – несекојдневен портрет на менталните затвори

„Gottlieb“ е интересен мал залак од домашната кинематографија. Користејќи комбинација од stop-motion и ротоскопска анимација, Крсте Господиновски во своето режисерско деби снима потрет на менталното растројство на главниот лик. Различните техники на анимација градат две комплементарни слики за психата на главниот лик, по кој е и насловен филмот. Готлиб, ликот, изгледа свесен за тоа што му се случува. Купува лекови од аптекарката, со која се познава. Се жали на својот лекар дека се повеќе спие. Околу него, реалноста почнува да се руши – буквално.

„Готлиб“, филмот, е прво и основно возило за анимацијата на Господинов. Густата текстура го отежнува читањето на емоциите на ликовите. Разговорите се директни, сведени на минимум. Ова дозволува светлото да се задржи на визуелното, но по цена на квалитетот на репликите. И покрај овие забелешки, „Готлиб“ вреди да се погледне, поради уникатноста и естетиката, но и како најава за делата кои не очекуваат од Господиновски.

Атанас Димитров

Have your say