режија: Илдико Енејди
улоги: Геза Морчањи, Александра Борбели, Золтан Шнејдер
времетраење: 116 минути
жанр: драма – романса
Оцена: 4/5
Пријатно ме изненадува репертоарската политика на киното Милениум. Посебно кога ја видов унгарската драма „На душа и тело“ од 2017 година. Не само поради фактот дека овој филм е магнет за награди: добитник на „златната мечка“ на 67 Берлинале, наградата ФИПРЕСЦИ на критичарите и новинарите во Берлин, номинацијата за „Оскар“ и наградата за најдобра европска актерка, туку поради фактот што станува збор за исклучителна визуелна лабораторија во која режисерката и сценаристка, Илдико Енејди, небаре мудар филмски Балтазар, впечатливо ги меша реалноста и сонот, односно надворешноста и интернализираниот свет. „На душа и тело“ е алхемиски растворлив, содржински повеќеслоен и визуелно доследен.
Би можеле ли да замислите за љубов која се раѓа во кланица?! Во тоа место каде што животните ги упатуваат последните погледи за милост, и каде што, за гледање на брутално експлицитните кадри од цедењето на крвта, веројатно е потребна посилна визуелна дигестија, започнува спонтан љубовен однос на два карактери. Филмот алтернира две приказни, а во себе како палимпсест може да се препознаат многу споредни наративни слоеви, како на пример, свесноста за историјата на болката врз животните во кланицата кога потоа нивното месо се консумира како храна. Станува збор за кланица каде што доаѓа инспекторка за квалитет на месо и хигиена. Средовечниот менаџер на кланицата, Ендре, (Геза Морчањи) кој има делумна парализа на раката, првин го смета за чуден односот на срамежливата и грациозна инспекторка Марија (Александра Борбели) која престојува во фирмата. Нив, како ликови ги зближуваат исти соништа во кои се персонифицирани во елени додека ги испитува психолог. Ова откритие може да функционира како позадински метанаратив во психоаналитичката вивисекција на карактерите. Ексцентричната врска на менаџерот и инспекторката се обидува непретенциозно да го оправда насловот на филмот, кој, можеби, и малку иронично се обидува преку духот, да ја зближи нивната корпореалност или поточно да ги спои заедно. Љубовта трае помеѓу земањето здив од сцените со животните во кланицата и сонот кој го сонуваат и двајцата. Ова свесно одвлекување од едниот односно вториот наратив го извлекува како филмска флоскула афоризмот дека љубовта се случува додека се случува нешто друго.
Музиката во филмот зад која се потпишува Андреј Балаш суптилно ги дополнува семантичките пукнатини од кои се наѕира вистината за односот меѓу душата и телото. Кинематограферот Мате Хербаи вешто игра со позадинските планови и кадрите за да ја долови амбивалентноста, односно длабочината на ликовите. Камерата е мирна, а вознемиреноста во кадрите ја доловува со нивната содржина, а не со техники на движење.
Филмот на Унгарката Eнејди не е воопшто режисерко изненадување, особено ако се земат предвид успехот со „Мојот дваесетти век“ од 1989 година, кој беше награден со злато во Кан и прогласен од „Њујорк Тајмс“ за еден од десетте најдобри филмови во таа година, потоа филмот „Магичниот ловец“ од 1994 година кој се натпреваруваше во главната програма на Венецискиот филмски фестивал… Оваа режисерка, за приближно 30 години режирала 9 филмови, што остава впечаток дека е уметник кој не е оптоварен со кванитетот на сработеното, но затоа е софистициран и минуциозен создавач на квалитетен филмски производ. Во тој контекст, „На душа и тело“ без патетика го визуализира сечењето на вените на Марија, кое е надвор од здодевниот филмски приказ на невозвратена љубов, а од друга страна функционира како пандан на крвта од животните во кланицата.
Тоа е една од симболичките допирни точки меѓу луѓето и животните – паралелен контраст, кој што, сам по себе, укажува на една лиминална состојба, или поточно на тенката граница меѓу љубовта и болката.
Васко Маглешов