„Мрзливец“ е режисерот кој создава филм без никаква уметничка вредност

„Целиот филм е полн со сцени кои не придонесуваат за некаков развој на карактерите, туку напротив, додаваат непотребно дополнителна драма.“

Кон „Мрзливец“ во режија и сценарио на Алекса Стефан Радуновиќ, кинематографија на Гален Хумбер.

Оцена: 1/5.

Според официјалната статистика на Еуростат, во балканските држави е огромен процентот на млади од 18 до 34 години кои живеат со родителите. Во Македонија во 2016 тој процент изнесувал 73,3 %, додека пак во Србија 67,6 %. Овој факт е поразителен за прогресот на општеството и кажува нешто за квалитетот на животот на Балканот. Токму таа фрустрација на немаштија е инспирација за долгометражното првенче на црногорскиот режисер Алекса Стефан Радуновиќ кој се обидел да ги претстави проблемите со невработеноста на младите, корупцијата на работодавачите и низа други реалности во регионот во 84 минутен филм. За жал, на оваа драма и недостига клучна состојка за успех – душа.

Милош (Саво Сцепановиќ, недоволно убедлив) и Јелена (Милица Сцепановиќ, многу форсирана глума) се млад, штотуку разведен пар, родители на мало бебе. Нивните животи се далеку од идеални – Милош е невработен и нема пари за алиментација додека неговата поранешна сопруга е студентка која живее со нејзините сиромашни родители. Тој не може да најде работа поради неколку причини: гордост и гадење од позиции кои се ниско платени, и корупција и непотизам кои се присутни во црногорскиот систем. Проблемите не престануваат кога конечно, со многу мака ќе се вработи – среќата едноставно не го следи, па е обвинет за кражба од својот работодавец.

Камерата го следи секој негов чекор и непромислена акција низ леќи со сиви тонови, што дополнително посочува кон посакуваното чувство на меланхолија и сожалување. Проблемот е што тој ефект не е реализиран. Режијата на Алекса Стефан Радуновиќ не предизвикува никакво чувство на сожалување или сочувствување со ликовите. Целиот филм е полн со сцени кои не придонесуваат за некаков развој на карактерите, туку напротив, додаваат непотребно дополнителна драма. Некохерентноста во режијата и сценариото најмногу се истакнува кога во клучни моменти ликовите прават такви одлуки што не соодветствуваат со ситуацијата. За фрустрацијата да биде уште поголема, ова дело тврди дека Гаврило Радуновиќ е човекот кој е одговорен за музиката кога неа практично ја нема, па ликовите се гушат во конфликти кои немаат никаков емоционален импакт.

Филмот е седмата уметност, но оваа црногорска продукција нема никаква вредност за да го заслужи тој епитет. Вината за неуспехот може да се префрла на филмаџиите, на темата која се обработува итн. но едно е сигурно: креативноста бара макотрпна работа, а не мрзливци.

Петра Бранковска

Have your say