„Мамичка“ – (Не)Видливите жртви на Југославија

„Режисерот ја користи трогателната приказна на неговата мајка која наликува на сценарио и претставува хронолошко сведоштво за општествено-социјалните проблеми од поранешна Југославија.“

Оцена: 6.5/10

Колку од слободното време поминувате во друштво на вашата мајка? Одговорот секогаш ќе биде помалку од онa што таа би сакала да помине со вас. Tоа можеби ќе се промени откако ќе го изгледате овој филм.

„Мамичка“ е долгометражен (51 мин.) документарен филм на студентот Јосип Лукиќ од Aкадемијата за драмски уметности во Загреб.

Пламеното зајдисонце во социјалистички сивиот Сплит е позадината на почетната сцена кога Јосип одлучува отворено, без влакна на јазикот да дознае сè за животот на неговата мајка. Драгица Павловиќ е жена во години, која преживеала сè и сешто и има многу да каже. Од два абортуси до семејно насилство, таа никогаш не ја изгубила волјата за живот, авантура и секс…

Режисерот ја користи трогателната приказна на неговата мајка која наликува на сценарио и претставува хронолошко сведоштво за општествено-социјалните проблеми од поранешна Југославија. Во фокусот на филмот е жената, правото на абортус и семејното насилство, а се надоврзува и ефектот на Студената војна од распадот на Федерацијата. Тематската приказна е заедничка за многу жени од Југославија, но ретки, најверојатно уникатни се тие кои можат да зборуваат за тоа. Сепак, Драгица е храбро олицетворение на оваа маргинализирана група и се опишува себеси како жена „што ми е на ум, тоа и на друм“.

Младиот Лукиќ и кинематограферот Маринко Маринкиќ употребуваат тотална спротивност на емоција во сцените:  По секоја весела, хумористична сцена следува дел од тортурата над Драгица. Голем број од кадрите се статични бидејќи документарниот филм е своевидно интервју, а кинематографијата и поставеноста на нараторите се дел од тој пренос на емоција.

Во сцената кога мајката раскажува за семејно насилство, ликовите се свртени со грб, камерата е поставена високо и зборовите допираат до гледачот, но не и лицата. Сцената е алузија на осамената и беспомошна жена која била препуштена сама на себе во тие брутални моменти. Ретро-фотографиите од младоста ја надополнуваат визијата на гледачот и повторно ја оживуваат меморијата. Музиката од хрватските пејачи од времето на Југославија и песните на  Здравко Чолиќ се дел од нејзините спомени.

„Мамичка“ е привлечен документарен филм кој обработува тема позната за нашите простори, но вистината предизвикува различен ефект кога реалната слика е раскажана директно од жртвата. Голем број од навиките на грижливата Драгица ќе ги пронајдете во вашите мајки и ќе сочувствувате со нејзината осаменост и водилка поткрепена единствено од љубовта кон децата. Мил, емотивен филм со силен ефект на среќа и тага.

Филип Мишов

Have your say