Контемплативна фузија од префинети тонови и смирени кадри

...„88 минутна прослава за музиката со сите нејзини можни облици, инструментални изведби и културно-историски позадини.“

Кон „Звуци и тишина: Патувања со Манфред Ајхер“.

Сценарио, режија и кинематографија на Питер Гајер и Норберт Видмер.

Оцена: 4/5.

Музиката е како бран, истовремено доволно силна за да нè „потопи“ со емоции и доволно нежна за секоја пречка на нејзиниот пат да влијае врз финалната форма. Ова е централната филозофија на креативниот номад Манфред Ајхер, кој е главен продуцент во култната ECM продуцентска куќа. Неговата посветеност кон личниот уметнички идеал (беспрекорно чист музички израз кој блажено ги обзема сетилата на слушателот) се провлекува постојано низ „Звуци и тишина“.

Иако е сниман дури пет години, самиот филм има природен и речиси интуитивен тек, без агресивни пресврти. Недостатокот од централна приказна наместо да го направи тежок за следење, ја олеснува „работата“ на гледачот, па тој може целосно да се опушти и да ужива во оваа 88 минутна прослава за музиката со сите нејзини можни облици, инструментални изведби и културно-историски позадини. Кратките приказни за низата големи музичари со кои соработува Ајхер како што се Дино Салуци, Мерилин Мазур и Јан Гарбарек, се надоврзуваат една на друга токму преку плодот на нивната соработка, музиката. Таа како да го дефинира емоционалниот тон во сцените, па се прелева од нежна хармонија изведувана во мала црква, преку динамична џез импровизација, се до длабока тишина која обзема сè.

Сепак, и покрај тоа што музиката го следи фрагментираниот тек на настаните во сите негови вијуги, контемплативниот карактер на композициите е постојано присутен. Неговиот ефект е засилен од умешната употреба на (на моменти) неопходните музички паузи, со кои режисерите суптилно ја акцентираат важноста на тишината во искуството наречено целосно доживување на едно музичко дело.

Освен фокусот на самата музика која ја продуцира Ајхер, „Звуци и тишина“ нуди и една подлабока, но само имплицитно претставена раскажувачка линија. Тоа е интимната анализа на неговиот карактер и однесувањето во ситуации кои се чинат невозможни. Како централен лик во филмот, го гледаме Ајхер како се справува со несогласувања, фрустрации и исцрпеност – преку тишина, напорна работа и ласерски фокус на целта. Нема ниту збор за неговиот внатрешен немир, тој е претставен единствено преку фацијалните експресии на Ајхер и (погодувате, нели) музичката подлога. Смиреноста на кадрите го дополнува целокупниот впечаток за работната етика на Ајхер составена од мир, посветеност и натчовечки напори да се постигне најдоброто за слушателите.

Во сржта на овој визуелно мирен филм е токму влијанието на музиката врз публиката, а употребата на џезот како доминантен музички лајтмотив му овозможува на режисерското дуо голема слобода за разноликост. Преку неа, режисерите сликовито раскажуваат за способноста на Ајхер лесно да процени каков е ефектот кон кој одредено парче музика се стреми и кој е најдобриот начин за да се постигне. „Звуци и тишина“ солидно го доловува креативниот процес позади ремек-делата во чие создавање учествува Ајхер.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say