Кој е нормален во „Денови на лудилото“?

„Одлуката да им се даде тотална слобода со движењето на камерата во просторот дозволува за час и 13-минутна одисеја во трагикомедијата што се нарекува пост-југословенско општество.“

Кон „Денови на Лудило“ во режија на Дамјан Ненадиќ и кинематографија на Маја Счуканец, Младен Баџун, Срѓан Ковачевиќ, Дамјан Ненадиќ.

Оцена: 4.5/5.

„Хомосексуалноста е грев, трансродовоста е грев, па зошто тогаш не го прогласат и национализмот како грев?“ – прашање кое целосно ја опфаќа средината во која живеат Maja Счуканец и Младен Баџун, хероите без наметки во долгометражното првенче на хрватскиот режисер Дамјан Ненадиќ. Замислете двајца пациенти на кои режисерот им дал камера да ги снимаат секојдневните активности. Скокајќи од реалноста на една
личност па во друга, овој формат на полуаматерски документарен филм е толку персонален што лудилото кое им е дијагностицирано и на двајцата протагонсти е ставено под знак прашалник. Кој овде е луд? Измалтретираните граѓани на една балканска земја или луѓето кои тоа им го наложиле?

Маја Счуканец е жена која го изгубила своето семејство, а згора на сè добива константни критики од луѓето и од системот кој треба да ѝ помогне за нејзината трансродова појава. Нејзиниот најголем страв е локалната психијатриска болница, која, како што таа вели, ја „клука“ со хрватски Занакс и лекови кои те прават буден, заспиен, гладен, сит. Таа никогаш не го изгубила чувството за сарказам, дури и кога плука на психијатрите кои го препорачуваат коктелот на лекови поради кој ги изгубила половина од панкреасот и сите заби. Младен пак, има проблем со синдром на повеќслојна личност кој е делумно резултат на деновите кога служел во Југословенската Национална армија. Тој е кроток и длабоко религиозен човек и се чувствува особено предадено од својата Црква која тврди дека психијатријата е најголемата сатанска установа. И двајцата се жртви на еден бесмислен систем кој не се обидува да им помогне, туку ги омаловажува како граѓани од втор ред.

Одлуката да им се даде тотална слобода со движењето на камерата во просторот дозволува за час и 13-минутна одисеја во трагикомедијата што се нарекува пост-југословенско општество. Иако официјално режисерот е кредитиран како автор на сценариото, не може да се оспори автентичноста во начинот на говорот и јазикот што го користат протагонистите. Филмот е плод на соработка помеѓу хрватски и словенечки продукциски компании, но просторот, околностите и јазикот целосно ја опишуваат католичка Хрватска. Маја и Младен се во фокус најголем дел од времето, па така може да следи целиот ролеркостер од саркастично плукање и мизерно уживање во трагичните услови, до денот кога тие ќе кажат ДОСТА. Изборот на музика е таков што иако се навлегува длабоко во психата на две ментално нестабилни лица, постои и доза на хумор кој предвестува дека ова не е крајот ниту финалната дестинација за нив двајца.

Пцовки, колнење, одбивање и смеа. Маја и Младен го извлекуваат подебелиот крај од општеството кое едноставно не знае што да направи со нив. Трагедијата во целата приказна се зборовите на Маја: „Сите го имаат леков дома, но никој не сака да признае “ – исто како што сите знаат што треба да се направи за промена, но никој не мрда со прст поради критиките од општеството. За среќа, Маја и Младен не се едни од толпата.

Петра Бранковска

Have your say