Кога тишината е пострашна од секој звук

„Недостатокот на звуци или минималните шумови го изоструваат увото и држат во состојба на будност и исчекување дека нешто ужасно ќе се случи.“

Оцена: 4/5

„Тивко место“ (A Quiet Place), третиот долгометражен филм на режисерот и актер Џон Красински, е остварување кое го „превртува“ шаблонот за хорор-трилер наопаку. Ги следи и преработува клишеата од различен агол и нуди необичен исход на нешто што вообичаено би бил типичен, здодевен и веќе виден пост-апокалиптичен хорор.

Работен е според сценарио на Скот Бек, Брајан Вуд и Џон Красински, кој освен режијата и сценариото, и самиот глуми во филмот. Покрај него, главните улоги ги толкуваат Емили Блант, неговата сопруга во вистинскиот живот, и младите но талентирани Милисент Симондс, Ноа Џуп и Кејд Вудворд. Ерик Адал е мајсторот зад звукот, додека кинематографер е Шарлот Брус Кристенсен.

Премисата е едноставна: петчлено семејство се обидува да преживее во неодамна настанатиот пост-апокалиптичен свет во кој и најмал звук чини живот. Физички надмоќни и навидум неуништиви чудовишта ловат по звук, бидејќи се слепи и немаат чувство за мирис. Но, сетилото за слух им е многу поразвиено од човечкото. Семејството Абот, чие најстаро дете – ќерката Реган – е глуво, се адаптира на новата реалност, живеејќи во апсолутна тишина. И актерката која го толкува ликот е глува, што се забележува во природноста и ноншалантноста со која ја исполнува улогата, која е секако тешка за дете-актер. Сепак, детската наивност им ги менува животите, и одново учат како да преживеат во нов свет, но и во новата душевна состојба. Од Ден 89, дејството „прескокнува“ една година. Семејството живее на фарма со силос прилагоден за нивната безбедност, каде полека гледачот ги учи нивните нови навики и правила, благодарение на кои се сè уште живи. Чекаат бебе и бараат начин како да го пречекаат расплаканото новороденче во немиот свет.

 

Иако поголемиот дел од филмот се состои од извршување на секојдневни обврски на семејството, кои се промислени и создадени на начин на кој не би произвеле никаков звук, филмот постојано го држи гледачот во неизвесност. Недостатокот на звуци или минималните шумови го изоструваат увото и го држат во состојба на будност и исчекување дека нешто ужасно ќе се случи. Истовремено, сосема спротивно од тоа, сценографијата успешно си игра со емоциите – домот на семејството Абот има топлина и шарм, и создава чувство на безбедна средина која изгледа поштедена од несреќата која го зафатила остатокот од светот.

„Тивко место“ користи класично пост-апокалиптично сценарио како метафора за современото, прегласно општество. Филмот покажува на хиперболизиран начин дека понекогаш, за човек да преживее, треба само да биде доволно тивок за да се слушне себеси. Ја следи тезата дека адаптацијата и еволуцијата се единствен начин да се порасне и издигне над опасноста. Наместо да слават некоја надмоќна сила, протагонистите почитуваат дарвинизам.

Самите Блант и Красински за нивниот прв заеднички филм велат дека е „љубовно писмо до нивните деца“. Основната тема во филмот е, сепак, семејството и родителството како смисла на постоењето, и што сè човек е подготвен да направи за да ги заштити оние кои ги сака.

За Красински, „Тивко место“ е голем исчекор од неговото досегашно наследство – улогата на Џим Халперт во американската верзија на мокументарната серија „Канцеларијата“ (The Office). Иако има нелогичности и дупки во сценариото, во целина е економичен, интелигентен и умерено динамичен хорор/трилер, спакуван во само 90 минути. Вреди да се погледне, а ова тврдење се согласува и „кралот на хоророт“, Стивен Кинг, кој го нарече „исклучително дело“. За комплетен ефект, препорачливо е да се гледа со слушалки.

Стефанија Тенекеџиева

Have your say