„Исцелител“ – Тајната состојка за современиот македонски филм

„Режисерот умешно и успешно претопува семејна трагедија и тешка болест како рак во (црн) хумор, наоѓајќи го совршениот баланс тоа да изгледа допадливо и прифатливо.“

Оцена: 7.5/10

За некого секојдневие, за некого комедија, судир на суровата реалност и црниот хумор. Драмата „Исцелител“ е дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески. Филмот е во македонско-грчка копродукција, сниман на територијата на Македонија. Во главната улога игра Благој Веселинов кој го толкува ликот на безнадежниот  механичар Веле.

Веле и неговиот болен татко Саздо (Анастас Тановски) живеат во стан во Скопје, каде синот работи како механичар во железничката станица. Саздо боледува од рак на белите дробови и се мачи во неиздрлживи болки. Веле води битка со канџите на здравствениот систем, обидувајќи се да врзе крај со крај и да му овозможи достоен живот на својот татко. На вообичаен работен ден, локалната полиција ги известува механичарите да побараат криумчарен пакет во вагоните од железницата. Веле открива пакет во кој се кријат разновидни наркотици, но одлучува да не го пријави и да го задржи за себе. Неговиот план нелегално да заработи за неопходните лекови за Саздо не оди според очекувањата и тој наеднаш се наоѓа на работ од очајот. Проблемите се натрупуваат, временската рамка се намалува, а тој е во безизлезна ситуација, помеѓу сиромаштијата и вресоците на болниот татко…

Во време кога македонската кинематографија е презаситена од веќе исцрпени теми, историски гледишта и навидум слични сценарија и филмови, „Исцелител“ внесува свежа крв. Ставрески обработува актуелна тема со која упатува директна критика до македонскиот здравствен систем. Тој ја прикажува социјално-економската слика за животот во Македонија и го потенцира ефектот на алтернативната медицина, во случајов колачот од канабис. Филмот содржи тажна, емотивна приказна, но и ведри, хумористични елементи кои му даваат боја на целото сивило.

Режисерот умешно и успешно претопува семејна трагедија и тешка болест како рак во (црн) хумор, наоѓајќи го совршениот баланс тоа да изгледа допадливо и прифатливо. Кинематографијата на Дејан Димески е на завидно ниво со ударна моќ во одредени сцени. Во моментите кога преовладуваат воздишките на Веле и се јавуваат прашања на кои нема одговор, се гледа таен плач во неговата душа. Кадрите од темните сцени во кујната со скромен оброк и осамениот Веле со велосипедот и сонцето во позадина, се маркантен пренос на емоција преку филмското платно.

Приказната се одвива лесно и веднаш ве вовлекува во животот на протагонистот. За светот кој не е запознаен со ситуацијата во Македонија, филмот ќе изгледа како нечија животна сторија од 80-те години во Југославија која живеела во социјализмот. Но, за жал, тоа е вистината за нас, полжавски чекори напред и генерации кои тапкаат во место.

Во однос на скоро совршеното сценарио, се наѕира една забелешка. Тоа е недооформениот лик на девојката Јана која се појавува, а потоа брзо исчезнува од сите случувања. Исто така, во делот со девојката, една сцена отскокнува во моето видување, а тоа е „дејтот“ помеѓу Јана и Веле. Тие одат во забавниот луна парк каде се на типичен американски состанок во Скопје. Ова изгледа како обид на режисерот да го привлече окото на странската публика. Некои можеби ќе го карактеризираат како бегање од реалноста, а пак други можеби ко генијалност, вие проценете сами.

Кастингот е правилно избран, соодвествува со сите ликови во филмот. Главниот актер, Благој Веселинов одлично ја толкува улогата на Веле. Во него се доловува безнадежниот поглед, но и голема решителност да се соочи со сите проблеми, да изнуди одговор на сите прашања. Со тоа се насетува целосна посветеност кон улогата и приказот на емоција. Тоа може да се каже и за Анастас Тановски т.е. Саздо, кој го игра стереотипниот тврдоглав македонски пензионер, но му дава свој печат на ликот и наоѓа светлина во дружбата со комшијата Тоде (Диме Илиев).

Споредните ликови како Џем (Аксел Мехмет) и Мрсни (Александар Микиќ) си имаат свој удел во целата приказна и карактерот на филмот, посебно Џем како носител на хуморот. Музиката е дело на македонската група „Фолтин“ кои имаат и своја песна за филмот насловена „Пипер в уста“.

Најубавиот комплимент кој може да го добие „Исцелител“е дека филмот се наметнува како холивудско филмско остварување кое не само што ја освои домашната, туку и странската публика. Со ограничен буџет, на само неколку локации Ѓорче Ставрески постигна повеќе и од максимумот. Едноставен, обичен, но квалитетен, сценариски издржан, кинематографски прецизен за извонредна целина. „Исцелител“ треба да биде водилка за како треба да изгледа современиот македонски филм. Филмот поставува репер кој останатите треба да го следат. Нека „Исцелител“ биде само почетната оска и мотивација, а ќе видиме дали само режисерот Ставрески ја поседува тајната состојка за успех.

За крај, „Исцелител“ полека, но сигурно зазема почесно место во македонската историја и скромното друштво на најнаградувани филмови. Филмот е избран за претставник од Македонија за престижните „Оскар“ награди од филмската академија на САД. „Пред дождот“ успеа да стигне до номинација за филм од неанглиско говорно подрачје, а тоа е следната цел на „Исцелител“.

Филип Мишов

Have your say