Кон „Црниот член на ККК“ во режија на Спајк Ли, сценарио на Чарли Вахтел, Дејвид Рабиновиц, Кевин Вилмот и Спајк Ли, кинематографија на Чејс Ирвин.
Оцена: 4/5.
Од политика не може да се избега. Уметноста е таква флексибилна форма што со неа може да се испраќаат моќни социјални пораки за емоционално да го допрат човекот. Поради тој факт, голем број филмски режисери себе си се нарекуваат и политички активисти. „Шиндлеровата листа“ на Стивен Спилберг е моќна критика на холокаустот, „12 години роб“ на Стив Меквин ја покажува суровоста на американските робовладетели итн. Еден глас се истакнал во борбата за правата на црната раса во Америка – а тоа е режисерот Спајк Ли.
Неговиот магнум опус е „Малком Икс“ каде целосно го обработува карактерот на истоимениот лидер. Затоа и неговиот најнов проект, „Црниот член на ККК“ е комплетно во комфорт-зоната на режисерот, без никакво изненадување. Тајната состојка на ова дело пак, е начинот на кој што е прикажана навидум фантастична приказна, која навистина постои во страниците на модерната историја. Спајк Ли се решава на невообичаен потег – комплетно да ја исмее целата ситуација преку сув и заслужен хумор.
Рон Сталворт (Џон Дејвид Вашингтон, син на легендарниот актер Дензел Вашингтон кој ја игра главната улога во „Малком Икс“) е првиот црн полицаец во градот Изворите на Колорадо. Како пионер, тој дневно се среќава со секакви навреди, расистички замерки, несoодветни шеги. Тој не го зема тоа при срце, а и по природа е опуштен, пријателски расположен и амбициозен, па многу брзо станува и детектив. Еден ден зема огромен ризик кој се исплати – успешно влегува во Кју Клукс кланот така што имитира глас на белец преку телефон. Неговиот бел колега Филип Цимерман (Адам Драјвер, совршено дисциплиниран и посветен) се претставува како него на официјалните состаноци на расистичката организација, без никој да се посомнева. Тие успеваат да го излажат дури и Големиот водач на кланот, Дејвид Дјук (Тофер Грејс, најдобар кастинг во 2018 до сега) кој е обземен од посветеноста и шармот на Рон.
Режијата на Спајк Ли е толку минималистичка и концентрирана на карактерите што тешко е да се сфати дека ваква ситуација навистина се случила. Од таму доаѓа и голем дел од хуморот – на никого не му се верува дека истрагата во потенцијални криминали од омраза ја зела таа форма. Филмот е политика на отпор кон расизмот, но Тофер Грејс е ѕвездата која најмногу блеска како водач на кланот. Актерот кој е познат по своите улоги во комедии (култното тв шоу „Тоа шоу од 70-тите“) додава доза на наивност, игнорантност и тврдоглавост во своите убедувања што никој од другата страна на големиот екран може да го сфати сериозно. Тука се поставува прашањето, дали ваквата претстава на вакви зли личности е вистинскиот потег? Сепак, станува збор за организација која во минатото одземала животи и можеби ноншалантноста и апсурдноста на атмосферата во филмот не се доволно убедливи за да го прикажат тоа зло.
Крајниот резултат сепак е за почит. Користејќи музика соодветна за 70-тите и борбата на луѓето за еднакви човекови права, Теренс Бланчард ја надополнува важноста на нивното движење на убедлив и суптилен начин. Филмот е огромна промена во режисерскиот стил на Спајк Ли, но овој чекор назад од агресија и лична пристрасност е огромен за кревање на свеста на просечниот Американец во 21 век.
Петра Бранковска