Во соработка со Cinedays 2018 и Критичен камп организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.
Совршена мешавина од секојдневно брзање и хаос, „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“ е босански филм издаден во 2018 година кој се базира на вистинска приказна. Режисерката, Марта Пидал, како странец кој доаѓа од Мексико, дефинитивно извршила квалитетна работа не разбирајќи ниту збор. Главната глумица, Аида Хаџибеговиќ, е всушност жената околу чиј живот дејството на филмот се базира. Филмот, како без-буџетен филм, издаден во балканскиот регион каде што овој тип на уметност е тотално незастапен, е солидно направен.
Во центарот на приказната е самохрана мајка која има дете со аутизам. Таа живее брз, динамичен живот, никогаш не стасува сѐ и има премногу задачи за завршување. Но дури и под овие услови, таа одржува баланс помеѓу животот на нормална жена, работник и мајка. Интересен факт за филмот е тоа што ќерката глумица е вистинската ќерка на Аида и во приватниот живот исто така има аутизам, така што, во повеќе од сцените нејзиното однесување е природно.
Сумирано, филмот претставува совршена слика на секојдневниот живот во Босна. Дејството се одвива на неколку различни локации меѓу кои и Сараево, па публиката добива слика како животот се одвива таму. Освен тоа, целокупната сценографија е одлична. Атмосферата во куќата реалистично го прикажува животот во балканските домаќинства. Несуредениот под, фрижидерот со букви-магнетчиња на него и сите додатни детали формираат едноставно, секојдневно место за живот. Повеќето визуелни елементи не ја изненадуваат публиката, но сцените во кои погледот на детето е прикажан, се најдобриот дел од целиот филм. Тие совршено го прикажуваа аспектот на гледање на сите луѓе кои имаат аутизам.
Земајќи го предвид фактот дека повеќето од актерите во филмот се аматери, тие извршиле добра работа. Има сцени, се разбира, каде што сѐ не е совршено, но повторно- тие не се професионалци. И покрај овие пофалби, кинематографијата е лоша. Целиот филм е снимен на рака, и исклучувајќи ја перспективата на детето, сѐ е снимено од погледот на некоја трета личност. Најголемата грешка што режисерката најверојатно ја направила е немањето музика во позадина. Тоа додава монотонија и ни го отежнува самото гледање.
Ако ги занемариме сцените кои се малку далечни и чудни, што е веројатно резултат на нејзиното непознавање на карактеристиките на животот во оваа област, сепак таа има направено добра работа. Па, иако филмот е малку развлечен, малку монотон, и можеби би било подобро доколку би бил краткометражен филм, тој има добра поента и вреди да се изгледа. Лично мене ме натера да размислам и подобро да ги разберам животите на луѓето со аутизам и исто така да ги почитувам самохраните мајки.
Иако можеби ова не е најдобриот филм кој некогаш сум го изгледала во животот, неговата идеја е добра а и самиот тој како не-буџетен филм. Нормално, некои работи се солидни, а некои може да бидат и подобри, па филмот како целина ни дава добра приказна и 85 минутно уживање. Го препорачувам на секој да го види и да го ужива и самиот.
Вероника Гијовска