Оцена: 5/10.
Дали историјата и поделбата од пред скоро 30 години може да се нарече далечна и завршена ако сè уште се чувствува влијанието од тогашните случувања? Дали сценариото може да се карактеризира како оригинално ако различни режисери слично интерпретираат тема која е актуелна и денес? „Граници, дождови“ е долгометражен игран филм на режисерите и сценаристи Никола Мијовиќ и Властимир Судар кои се обидуваат да одговорат на овие прашања.
Јагода (Кристина Стевовиќ) е млада студентка по филозофија која слободните летни денови ги поминува кај нејзините блиски роднини во пустошните села на поранешна Југославија. Во првиот дел од филмот, таа е во посета на нејзиниот 39 годишен братучед Здравко (Вахидин Прелиќ) во Црна Гора кој гради куќа, но е неоженет и сè уште живее со неговите родители. Дејствието потоа се сели на границата помеѓу Хрватска и Република Српска каде ентузијастичната девојка е на гости кај нејзиниот помал братучед Лука (Нино Миловиќ), додека неговите баба и дедо се во болница. Јагода не е запознаена со животот на село, љубопитна е во прошетките и сака да се зближи со нејзините братучеди…
„Граници, дождови“ обработува веќе исцрпена тема која во самиот почеток губи од аспект на оригинално сценарио, но режисерите се обидуваат да дадат свој печат. Приказната отсликува две села во кои тишината е погласна од зборовите, а осаменоста и депресијата водат до “нечисти” мисли. Времето стои во место, деновите се исти, темите за разговор се сведуваат на лаф муабет и режисерите успеваат целосно да го успорат текот на времето во очите на гледачот.
Во сценариото се истакнуваат и нарушените односи помеѓу народите на поранешна Југославија, како распаѓањето на Федерацијата влијае од генерации на генерации, сè до децата. На моменти присутен е хумор кој ја разбива монотонијата. Сценариото брои и недостатоци. Одредени сцени се исполнети со музичка тензија која не води никаде, нема акција и не следи заклучок. Голем дел од репликите меѓу ликовите се веќе видени во преполната колекција на филмови со идентична тема.
Контраст на целата критика за сценариото е привлечната пејзажна кинематографија низ објективот на Милош Јачимовиќ. Локациите на кои е сниман филмот се исполнети со шуми и сончевите зраци имаа своја улога во кадрите. Кинематограферот најчесто користи далечни кадри, а кога ликовите водат дискусија суптилно навлегува во разговорот, се доближува и претвора во крупен кадар.
Актерската игра на Кристина Стевовиќ која ја толкува Јагода претставува спиритуална нишка помеѓу двете приказни и ја игра љубопитната градска девојка. Таа внесува живот и светлина во секојдневието на Здравко и солидно се носи со својот дел. Вахидин Прелиќ целосно го доловува стереотипниот стар балкански ерген кој доцни во новата ера и останува заглавен во селото. Најдобриот актер во филмот е детето Нино Миловиќ во улогата на малиот Лука, кој преку својот лик со пргав и темпераментен карактер прикажува широка лепеза на емоции почнувајќи од насмевка и среќа, па сѐ до лутина и тага.
Режисерката палка потфрла во „Граници, дождови“ каде освен пренесеното чувство на тапкање во место не носи никаква сценариска иновативност. Идејата на сценаристите потсетува на македонскиот режисер Милчо Манчевски кој има неколку филмови со слична замисла, но во случајов тоа се покажува како недостижлив предизвик за Никола и Властимир. Ситниот хумор, актерската игра на малиот Нино Миловиќ и дел од пејзажните сцени го прават филмот гледлив за публиката, но во целина, говориме за филмско „дежа ву“.
Филип Мишов