„Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“ – филм што не ги привлекува сите, но дефинитивно нема недостаток на длабочина

„Во филмот има само неколку динамични сцени, исполнети со движење на камерата, обидувајќи се да го прикажат светот виден преку очите на Хава, бидејќи аутизмот прави таа да го гледа светот на свој специфичен начин.“

Во соработка со Cinedays 2018 и Критичен камп организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.

Ниско-буџетниот долгометражен филм кој излезе во 2018 година, е напишан и режиран од Марта Пидал и преку него таа реалистично го прикажува животот на обичните луѓе во Босна, иако таа е родена Мексиканка.

Во приказната станува збор за самохрана мајка од Босна, Нада Кадиќ (Адја Хофман) и нејзините проблеми да биде добра мајка и да ја одгледа нејзината ќерка Хава (Хава Домбиќ) која има аутизам. Изморена од работата и од секојдневните животни обврски, Нада оди на патување со Хава низ Босна за да ги посети своите родители.

Филмот обработува специфична тема и со тоа може да предизвика сосема различно доживување кај различни гледачи. Некои можат да го доживеат филмот како досаден бидејќи нема музика, ниту пак движење на камерата, повеќето од сцените се снимени со еден статичен кадар, па така се создава привидна бариера меѓу гледачот и ликовите. Но, овие карактеристики му даваат на филмот автентично и реалистично чувство, претставувајќи го животот различно отколку во холивудските филмови со огромни буџети. Во животот не секогаш е сѐ перфектно изрежирано, немаме совршени реплики и често знае да биде досаден и монотон.

Во филмот има само неколку динамични сцени, исполнети со движење на камерата, обидувајќи се да го прикажат светот виден преку очите на Хава, бидејќи аутизмот прави таа да го гледа светот на свој специфичен начин.

Има сцени каде не се случува многу дејство, но овие сцени служат како единствен начин гледачот да ја сфати врската меѓу Нада и нејзината ќерка, како и нивните тешкотии во животот, една од нив е и аутизмот на Хава. Друг елемент што прави филмот да се истакнува е реалистичниот приказ на населението од Босна и генерално менталитетот на жителите на Балканот.

Филмот можеби нема да биде привлечен за сите гледачи, особено помладата публика, или ќе биде потребно време за гледачот да го прифати филмот, но тој прикажува една реалистична приказна на секојдневни луѓе и привлекува внимание поради темата за која сеуште доволно не се зборува.  Филмот можел да биде пократок и не би го гледала повторно во скоро време, но тој сепак остава впечаток во мислите на гледачот.

Надица Трајкова

Have your say