„Фантомска Нишка“ го разврзува митот за егоцентричниот маж

„Пол Томас Андерсон, номиниран дури 8 пати за Оскар, е во најзавидна форма од својата кариера - тој не само што го напишал и режирал филмот, туку и е одговорен за секое движење во снимањето како директор на фотографија.“

Кон „Фантомска Нишка“ во режија, сценарио и кинематографија на Пол Томас Андерсон.

Оцена: 5/5.

Ако филмот е седмата голема уметност, модата е помалиот придружник кој има огромно влијание врз чувството, просторот и времето кој му помага на филмот да ја добие својата конечна форма. Во екот на златното доба на Холивуд кога филмските сирени биле делумно дефинирани од облеката која ја носеле, дошло до популаризација на дизајнерите кои биле одговорни за нивниот изглед. Еден од нив бил Чарлс Џејмс, можеби највлијателниот моден дизајнер на 20 век кој успеал да се прослави не само себе си, туку и десетици моќни мажи на чело на разни студија.

Токму тој е инспирацијата за Рејнолдс Вудкок – брилијантен, авторитативен, нарцисоиден и патолошки перфекционист во осмиот игран филм на миленикот на американската независна сцена, Пол Томас Андерсон. „Фантомска нишка“ е во најпрости зборови студија на карактер на еден комплексен маж, поткрепена од можеби најмоќната актерска изведба во 2017.

Рејнолдс Вудкок (Даниел Деј Луис во својата последна филмска улога) е дисциплиниран човек од навика. Тој знае што сака да постигне со фустаните што ги прави – ништо помалку од сопирање на здивот – и затоа не ги прави за секој. Правилата во неговото модно студио важат и во неговиот приватен живот – лојалност, точност, подреденост. Неговите романтични врски се сведуваат на контрола, па жените се само музи за следни креации. Интимата не може никако да биде пробиена, па дури и мал звук на појадок може да предизвика губење на толеранција, дури и кон партнер.

Единствената жена која ја ужива неговата почит е неговата сестра Кирил (Лесли Манвил, неверојатно дисциплинирана но сепак топла), но тоа брзо се менува кога тој ја запознава Алма (Вики Крипс, психички силна и истрајна) која предизвикува хаос во неговиот внимателно организиран живот. Таа не го жртвува својот карактер за да ги удоволи неговите каприци, па од тука произлегуваат најголемите дози на драма.

Пол Томас Андерсон, номиниран дури 8 пати за Оскар, е во најзавидна форма од својата кариера – тој не само што го напишал и режирал филмот, туку и е одговорен за секое движење во снимањето како директор на фотографија. Неговата камера клаустрофобучно се движи во тесни простории и само го појачува конфликтот меѓу спротиставените карактери на модниот дизајнер и неговата најнова муза. Атмосферата проследена со меланхоличната, но бодлива музика на Џони Гринвуд од легендарните Рејдиохед е толку тензична што во секој момент може да се почувствува бесот на Вудкок и кршењето на стандардите кои ги уживал во поголемиот дел од својот живот. Егоцентричниот карактер кој Даниел Деј Луис маестрално го оживува го исполнува секој кадар од 130-те минути од ова дело, но душата и срцето на филмот ѝ  припаѓаат на Вики Крипс чија пргавост ѝ го носи најистакнатиот перформанс во својата кариера.

„Фантомска нишка“ се случува во 50-тите, па грандиозноста и  гламурот на тоа време се  преточени и во продукцискиот дизајн. Балски фустани, кристали и дијаманти – работи кои сепак не се толку скапоцени колку што е подвигот на режисерот во оваа несекојдневна љубовна драма. Живееме во златното доба на Пол Томас Андерсон, диригент на уметноста и социјалната критика на 21 век.

Петра Бранковска

Have your say