Кон „Фантастични Ѕверки: Злочините на Гринделвалд“ во режија на Дејвид Јејтс, сценарио на Џ.К.Роулинг, кинематографија на Филип Русело.
Оцена: 2/5.
Влијанието, ликот и делото кое го ужива англиската писателка и сценаристка Џ.К. Роулинг се чувствува во светската економија, развојот на моралната свест на генерацијата таканаречена „милениумци“ и подемот на „култот“ кон еден човек. Светот на Хари Потер кој таа успеала да го изгради од темел е можеби еден од најголемите потфати и успеси на индивидуалец во 21 век, ако не и најуспешниот подвиг на една жена без ничија помош.
Во зборовите на друг лик од поп културата пак, „или умираш херој, или живееш доволно долго за да се погледнеш како стануваш негативец“. Џ.К. Роулинг во нејзината потрага по финансиска доминација или можеби чиста суета, го исполнила токму тоа пророштво. Вториот дел од непотребно амбициозниот план за 5 филмови сместени 50-ина години пред „Хари Потер и Каменот на Мудроста“ е хаотична смеса од бесмислена содржина, необликувани ликови и евтини заплети кои се подбиваат со интелегенцијата на гледачот.
„Злочините на Гринделвалд“ се припишуваат и на режисерот Дејвид Јејтс кој слепо се води по сценариото на Роулинг и воопшто не ја контролира актерската игра. Славниот Џони Деп е насловниот Гринделвалд, односно е Џони Деп во Гринделвалд шминка и костум користејќи исти маниризми како во сите негови филмови со Тим Бартон.
Може да се пишува за содржината на филмот, но тоа би било толку беспотребно поради огромниот број на испреплетени (и ужасно комплицирани) приказни кои го гушат веќе предолгиот 134 минутен филм. Дури и насловот не е оправдан: фантастичните ѕверки кои наводно се инспирација за овие дела се нафрлани низ сцените како шеќер во презасладено кафе – немаат никаква функција во движење на приказната напред.
Ликовите со кои гледачот се запознал во претходникот „Фантастични ѕверки и каде да се најдат“ прават нелогични избори кои се во спротивност со веќе изградените карактери, што ги поставува прашањата: дали сценариото е продукт на невнимателна ревизија која допрва ќе се поправа со секое наредно продолжение? Дали сите мистерии, загатки и шокантни откритија се токму тоа – хаотично напишани сцени со мал милион референци кон оригиналните филмови кои би ги задоволиле тврдокорните фанови на Хари Потер поради носталгијата? Дали сите 4 филмови ќе бидат со толку слаб квалитет, со ефтини пресврти кои според знаењето кое го имаме од постојните дела немаат никаква смисла се до планираното „финале“ во петтиот филм? Логично пресметана, оваа равенка има едно решение: брза заработка од човеково нетрпение.
Кинематографијата е на завидно ниво, камерите и боите го опфаќаат сплендорот на францускиот свет на магијата. Сценографијата е беспрекорна – сите детали се многу внимателно осмислени, од волшебните стапчиња па сè до ентериерот и атмосферата на славните 20-ти години од минатиот век. Можеби затоа и разочарувањето од крајниот продукт е толку големо – перфекционизмот (не)намерно не се искористил каде најмногу треба.
Петра Бранковска