„Фамилијата“ те создава, „Фамилијата“ те крши

....„одлична лекција за апологетите на еднаквите можности и сервирачите на мотивирачки цитати, бидејќи несомнено го тера гледачот да размисли дали и колку бил привилегиран во својот живот.“

Оцена: 4/5.

Животот не почнува еднакво за сите. Нема секој еднаква шанса за благосостојба, иако многумина го тврдат тоа. „Фамилијата“ е одличен реален приказ за тоа.

Во вистинска Фројдовска смисла, документарецот на словенечкиот режисер Рок Бичек, негов втор долгометражен документарен филм после „Класен непријател“ од 2013, покажува дека односите кои личноста ги има со родителите и најблиското семејство го дефинираат, моделираат и ненужно, но најчесто му го поплочуваат патот низ животот.

Бичек своето брутално реалистично дело го снима во период од 10 години низ кои го следи животот на протагонистот Матеј Рајк. Целото семејство на Рајк има ментална попреченост. Долга сцена го покажува 12-годишниот Матеј во разговор со социјална работничка, или можеби наставничка, која на неговиот татко му објаснува дека тој е бистро, интелигентно дете кое треба да оди на факултет. Тинејџерот Матеј неретко покажува фрустрација од неговото семејство и несомнено се обидува да го подобри својот живот во иднината.

Десет години подоцна, Рајк има нова шанса за добар живот: неговата девојка Барбара раѓа ќерка, Ниа, чие раѓање е првата сцена во документарецот. Нивниот заеднички живот и родителството совршено ги опишува таа прва сцена – нецензуриран, неуреден, конфузен и подеднакво нов за сите. Младиот татко за кратко време е истиснат од своето ново семејство и ставен во состојба да пресметува и избира со кого да го поминува своето време.

„Фамилијата“ го отвора прашањето: „Што е фамилија?“. Преку врските на Матеј со неговата девојка Барбара, родителите Аленка и Борис, братот Митја и подоцна, девојката Ели и нејзината мајка, Бичек покажува дека „семејство“ е флуиден концепт кој не секогаш се објаснува со традиционалната дефиниција. Наместо да го глорифицира семејството, веродостојно покажува дека неговата улога е огромна во напредокот на една личност. Доколку не е традиционално „нормално семејство“, таа личност има повеќе пречки за прескокнување во својот живот.

Единствената стабилна фигура во животот на Матеј е таткото на Барбара, Роби, кој иако не е му е роднина, и покрај ривалството со Барбара, останува близок со него. Потешко ја поднесува разделбата со Роби, отколку со неговата ќерка, а тоа кажува дека првпат во животот имал можност на некого да се потпре.

Иако роден и пораснат во комплицирани услови, Матеј не е апсолутна жртва. Бичек не навлегува подлабоко во некои неетички одлуки кои главниот протагонист ги носи – како необјаснетата евтаназија на неговото куче или врската со 14-годишна девојка.

Филмот и визуелно и наративно е неуреден и понекогаш збунувачки, но тоа дополнително го зголемува впечатокот на емотивен хаос во кој живеат ликовите. Кинематографер е самиот Бичек, кој и самите ликови го споменуваат во неколку наврати, при што доаѓа до „кршење на четвртиот ѕид“. Документарецот е импресионистички – нараторот е отсутен и остава гледачот сам да носи заклучоци. Музиката е речиси незабележлива, дополнително додавајќи чувство на празнина и меланхолија.

„Фамилијата“  е и социјален коментар за неможноста на државните институции да им овозможат подобар живот на сите граѓани, како и инвазивноста во нивните животи и приватност – како неможноста на Матеј да изврши машка стерилизација бидејќи државата го класифицира како „млад потенцијален татко“. На крај, овој документарец е одлична лекција за апологетите на еднаквите можности и сервирачите на мотивирачки цитати, бидејќи несомнено го тера гледачот да размисли дали и колку бил привилегиран во својот живот.

Стефанија Тенекеџиева

Have your say