Во соработка со Cinedays 2018 и Критичен камп организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.
„Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“, со премиера на 19ти Февруари 2018 година е босански филм, режиран од Марта Хернез со времетраење од 85 минути кој што ги претставува секојдневните маки на самохрана мајка.
Приказната е претставена во Сараево, каде што се запознаваме со Нада Кадиќ (Аида Хаџибеговиќ-Домбиќ) и нејзината ќерка Хава. Мачејќи се со секојдневните обврски и истовремено обидувајќи се да заврши премногу обврски наеднаш, како и соочувајќи се со дијагнозата за аутизам на ќерка си, таа доаѓа до заклучок дека ѝ е потребен одмор, некаде далеку. Земајќи го стариот автомобил од покојниот татко, заедно со Хава се упатуваат кон стариот град каде што пораснала.

Со ограничен буџет, филмот е релативно успешен. Тоа што е необично, но и истовремено уникатно за филмот е документарниот стил на снимање за поголем дел од сцените, правејќи го монотон и здодевен за време на специфични сцени. Аида самата потврди дека целта на филмот била да се прикаже чиста реалност со помош на состојбата на нејзината ќерка и со многуте импровизирани интеракции со непознати личности кои што не биле актери. Целата сценографија е симпатична за малиот буџет. Уште еден импресивен фактор на филмот е прикажувањето на перспективата на Хава, тие сцени најмногу допираат до гледачите.
Од почеток до крај атмосферата на филмот е меланхолична, со тоа што интеракциите помеѓу Нада и Хава прикажуваат среќно семејство полно со љубов, но со потсетникот дека не можат да бидат “нормално” семејство поради дијагнозата на Хава. Филмот има и многу маани, како недостатокот на дијалог и дејствија. Иако за некого тие сцени би изгледале реалистично, во мојата перспектива делуваа непотребни и здодевни. Филмот е насочен кон посебен тип на повозрасна публика која би сакала да посвети толку внимание на вакво дело.

Пораката на филмот беше јасна уште на почетокот. Би рекла дека е двострана порака, едната од перспективата на Аида, втората на Марта. Во интервју во врска со филмот Марта вели „Не е потребно да одиме некаде за да се изгубиме.” Ваква е ситуацијата на Нада на почетокот на филмот – нејзиниот живот пополека се распаѓа и поради тоа се губи себеси. Патувањето и помага да се врати на нозе и повторно да се пронајде. Втората порака, од перспективата на Аида, е важно да се спомене дека Хава и е ќерка во вистинскиот живот и нејзината главна цел со филмот е привлекување на повеќе внимание кон аутизмот како проблем – не само за оние кои се соочуваат со него, туку за сите.
За крај, филмот е емоционално дело со уникатна транзиција. Не е најдобриот, но дефинитивно ни најлошиот филм.
Елена Илиевска