Кон „Другата страна на сè“ во режија и кинематографија на Мила Турајлиќ.
Оцена: 4.5/5.
Распадот на Југославија е обработуван многупати – во форма на филм, телевизиска програма, книги, ликовна уметност. Не е ништо модерно, ниту нешто за кое што немаме слушнато претходно, но влијанието што го има во предмилениумската генерација е огромен. Приказните и емоционалната штета која војната ја направила врз граѓаните на Србија и Хрватска е буре без дно кое може никогаш нема да пресуши. Што тогаш треба да има еден креативен документарен филм за да се издвои од другите и да допре до публиката?
Режисерката Мила Турајлиќ која со својот претходен краток документарец „Кино Комунисто“ веќе ја има обработено темата, се решава на многу лично долгометражно деби. „Другата страна на сè“ не само што ја користи метафората на поделениот дом каде што живеела во детството, туку во фокус ја има нејзината мајка – познатата активистка и про-демократка Србјанка Турајлиќ, студентска хероина.
За време на владеењето на Тито, додека Србјанка била сè уште доенче, станот во централен Белград каде што живеело нејзиното семејство, започнал да се дели. Како што било практика во комунизмот, огромниот стан од неколку стотини метри квадрати бил присилно поделен помеѓу повеќе семејста, а некои од нив сè уште живеат таму и во 21 век. Семејството Турајлиќ потекнувало од лоза на про-демократи, уште од нејзиниот дедо – потписникот за формирање на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, правејќи ја Србјанка еден вид на политичка буржоазија.
Оттука доаѓа и една од најскокотливите теми во оваа 103 минутна студија на карактер – која е нашата обврска за зачувување на моралните и социјално-политички убедувања? Дали Мила е обврзана да го продолжи наследството на нејзината мајка и силно да протестира за победа на либералното и демократско општество? Самата Србјанка оставила голема трага во борбата против Милошевиќ како член на „Отпор!“ што режисерката суптилно го прикажува преку архивски снимки.
Една од најпаметните одлуки во продукцијата на овој филм е нагласувањето на моќното ораторство на протагонистката. Таа не е раскажувачот, но камерата внимателно го следи секој нејзин чекор во ограничениот и минимално осветлен простор додека таа говори. Поради природата на документарецот, користени се голем број соодветни снимки од воениот период. Освен тие кадри, сè друго што гледаме е самиот стан – две соби кои се така снимани да изгледа дека целиот простор е пополнет со присуството на Србјанка. Тој начин на движење на камерата не е случаен, а тука лежи брилијантноста на Мила Турајлиќ – да создаде портрет на човек кој е поголем од животот.
„Дали некогаш сакаше да си заминеш од државата?“ провоцира режисерката. Прашање кое е поставувано на дневна база во Балканските земји. Србјанка пак, има своја интерпретација и оформен став – тоа никогаш не било нејзината желба, дури и кога била присилно отпуштена од својата улога на професор на белградскиот факултет. Должноста на еден интелектуалец е да ја подобри земјата во која што живее, порака која што некогаш е тешко да се прифати.
Петра Бранковска