Должината без тежина не е доволна во „Дивата Круша“

„Во желбата да се додаде на должина и длабочина, некаде попатно ја снемува тежината, наративниот товар кој е потребен за да се заокружи ваков голем потфат.“

Нури Билге Џејлан е познат по контемплативните, бавни сцени од кои гради длабински прикази на турското општество и луѓето кои живеат во него. Во „Дивата Круша“, овој рецепт каскадно потфрла.

Откако ќе дипломира, Синан (Догу Демиркол/ Dogu Demirkol) се враќа во својот роден град, каде се соочува со невработеноста и безизлезноста на секојдневниот живот. Се обидува да најде средства за да го објави својот дебитантски роман, но никој не е заинтересиран да му помогне. Коцкарските проблеми на неговиот татко Идрис (Мурат Чемчир / Murat Cemcir) го отежнуваат неговиот и животот на неговото семејство.

Тричасовниот филм е воглавно изграден од долги разговори помеѓу Синан и останатите ликови со кои се среќава додека се обидува да го издаде својот роман. Идрис, во меѓувреме, се обидува да ископа бунар на својот малечок селски посед, на место каде сите мештани тврдат дека нема вода. Ваквото темпо почнува да станува заморно и предвидливо после неколку од подолгите сцени. Проблемот на пристапот на Џејлан е во неговата упорност – каде некој друг, помалку самоуверен, режисер би ја апсолвирал сцената во 5 минути, Џејлан сака публиката целосно да ја нурне во неа. Заедно со статичната монтажа и недостатоците на сценариото, пристапот почнува да тежи на трпеливоста.

Демиркол го игра Синан како самоуверен, горделив и сосема „зелен“. Тој го поминува целиот период обидувајќи се да се наметне како морален или филозофски авторитет над сите со кои се среќава. Ова доведува и до можеби најдобрата сцена во филмот, кога неговиот цинизам и подбивливост предизвикуваат неговиот соговорник, познатиот писател Сулејман (Серкан Кескин / Serkan Keskin) да експлодира од бес. Од таа остра размена на ставови, која треба да е дидактичка и предизвикувачка за Синан, тој не излегува со никакви промени, пробудувања.

Оваа антипатичност, иако намерна, не ѝ ја олеснува работата на публиката. Освен природниот тек на настаните нема дефинитивна причина зошто треба да сме заинтересирани за судбината на Синан. Наспроти него, Чемчир го портретира Идрис со нишка на добронамерна смотаност, предизвикувајќи  сочувство и повремено потсмев кај публиката. Заглавен меѓу својата, во основа, добра природа, коцкарските долгови и семејството кое станува сѐ подалечно, ликот на Идрис е суптилен коментар за тоа каде завршуваат романтичарите кога ќе им снема сништа за сонување. Целиот средовечен живот изгледа на едно бескрајно имплицитно самозапалување.

За мајката (Бену Јилдрилмар / Bennu Yildrilmar) и сестрата (Рејхан Асена Кескинчи / Reyhan Asena Keskinci) на Синан дознаваме многу малку, иако се присутни во филмот. Фамилијарниот портрет, поради недостигот на развој на овие два лика, останува половичен.  Женското влијание во приказната е сведено само на присуството на Хатиџе (Хазар Ерѓучлу / Hazar Ergüçlü), познаничка на Синан. Кога Синан ќе се сретне  со неа, камерата на Џејлан создава бајка од една најобична мала чешма и пар дрва на работ на нивата на која таа работи. Тие се обвиени во шумолењето на дрвата, во светлото кое зрачи низ нивните крошни. Џејлан суптилно го води говорот на нивните тела за да ја раскаже некажаната приказна, која тече паралелно со нивниот разговор.

Дивата Круша“ создава фрустрација кога ја гледате, фрлена меѓу амбициозното, но недоволно енергично сценарио и непобивливо привлечната естетика на Џејлан. Во желбата да се додаде на должина и длабочина, некаде попатно ја снемува тежината, наративниот товар кој е потребен за да се заокружи ваков голем потфат. Од гледањето ќе излезете замислени, но и помалку тажни, гледајќи го, како Синан и Идрис, тоа што можело да биде, наспроти тоа што е.

Атанас Димитров

Have your say