Како да направите филм кој е толку лош, што се смета за најлошиот „Б-страна“ производ на сите времиња и по речиси 60 години, сè уште е тема на подбив и школски пример за како не треба? Тоа прашање може да ви го одговори “Plan 9 from Outer Space” („План девет од вселената“). Со режија и сценарио на американскиот актер и режисер Ед Вуд, кинематограферот Вилијам С. Томпсон, и уникатната сценографија на Том Кемп, ова бизарно и аматерско филмско остварување од 1959 година ќе се запише како дефиниција за лоша уметност, но ќе стане и дел од модерната поп-култура.
Вклучувајќи звучни имиња во хорор жанрот од минатиот век, како Бела Лугоси, Вампира и актери со долга кариера како Грегори Волкот, „План девет од вселената“ имал солидна шанса да биде успешен. И, иако не е познат по врвните достигнувања во кинематографијата, ниту пак сценариото, секако оставил свој белег во историјата на филмот.
Ед Вуд е режисер на 46 нискобуџетни филмови, а напишал сценарио за повеќе од 80. Сепак, ако го „гуглате“ неговото име, првиот епитет кој ќе ви падне во очи е „најлошиот режисер на сите времиња“. Како уште зборуваме за него, би прашале? Едноставно, затоа што направил нешто толку лошо, што е всушност добро.
Накратко – вонземјани решаваат да ја нападнат Земјата „однатре“ – го спроведуваат планот девет. Според ова сценарио за инвазија, неодамна починатите на нашата планета, се будат со електрични шокови и едноставно, имаат потреба да убиваат. Не ги јадат своите жртви, немаат мотив, немаат објаснување. Едноставно, убиваат. Неколкумина јунаци имаат задача да ја спасат планетата, која го негира постоењето на заканата. Негативците, чиј мотив би требало да биде критика за човечкиот нагон за уништување, се неизградени како ликови и зли само затоа што на филмот му треба антагонист. Технолошки се понапредни и (би требало да се) поинтелигентни, а напаѓаат планета затоа што не признава дека постојат.
Воведот во случувањата зафаќа 80 проценти од филмот, а разврската трае две-три минути. А научните објаснувања зад технологијата на антагонистите е… па, бизарна колку и самиот филм. Сценографијата и костимографијата се поаматерски изработени од осмомартовска училишна претстава, а за специјалните ефекти доволно зборува тоа што летечките чинии кои го вознемируваат цел свет, во размер со зградите во филмот изгледаат како телевизиска антена. Без разлика дали ги анализираме завесите за бања во пилотската кабина, неконзистентноста во транзициите од сцена во сцена, аматерски напишаната нарација или бизарноста на главниот заплет – инвазија на Земјата преку будење на неодамна починатите со електрошокови – “Plan 9 from Outer Space” е еден вид интерактивна игра за барање грешки.
Сепак, ваквите филмови имаат посебен драж – прават да заборавиш на поентата, да не го бараш значењето зад симболиката, визуелното и сценариото, и едноставно да се ситиш на грешките и да „тераш сеир“. Тоа е модерна забавна програма од посебен вид – како реалните шоуа за масовната публика, или „лимонада“ комедиите кои знаете дека ќе ве опуштат по напорен ден на работа иако се клише и на ниту еден начин нема да ве направат попаметен и попросветлен.
„План девет од вселената“ е филм кој е несомнено неквалитетен, но зборот „лош“ е флексибилен поим. Дали е еден филм лош, ако ве забавувал и ви го одржал вниманието еден час и 19 минути? Дали квалитетот секогаш е еднаков со можноста на еден медиум да служи на неговата рекреативна функција?
За мене, одговорот е – не. „План 9 од вселената“, како и слични нему примери (“The Room”, “Sharknado”, “Birdemic: Shock and Terror”), има толку многу и толку очигледни пропусти, што прави гледачот да чувствува повеќе вреден, само затоа што е свесен дека секогаш има некој и нешто полошо.
Стефанија Тенекеџиева