Депресивната нота на „Ти ја имаш ноќта“

„Неверојатно добрата кинематографија го прави филмот уникатен оставајќи ви носталгично чувство. “

Во соработка со Cinedays 2018 и Критичен камп организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.

2018 – Црна Гора, Херцег Нови / Бијела

”Ти ја имаш ноќта” е реалистична драма која ќе ве остави без здив во режија на Иван Салатиќ. Во неговиот прв филм, режисерот ни дава чувство што тешко се објаснува, пустош од место каде што сé се распаѓа. Филмот е за местото Бијела кое се наоѓа во Црна Гора од каде што потекнува и самиот режисер.

Започнува со приказна некаде на море каде Сања (Ивана Вуковиќ) која ја игра главната улога работи како хостеса на брод. Чистејќи ги собите ја слуша една жена која зборува за нејзниот безвреден живот и како сака се да почне од почеток. Подоцна Сања ја губи својата работа на бродот и сама талка во непозната земја со надеж дека ќе се врати дома безбедно кај нејзината фамилија: синот, бившиот маж и  разведените родители.

Кога Сања се враќа дома не само што е разочарана од нејзиниот живот, туку и од тоа што се случило во нејзиниот роден град. Открива за банкротот на пристаништето кое оставило многу луѓе на улица. За банкротот дознаваме само од радиото но ефектите се многу забележливи и фантастично прикажани низ целиот филм. Многу луѓе се оставени без ништо, надевајќи се на подобро утре и без разлика на се си помагаат едни со други во тешките денови. Сања е исто така и самохрана мајка која сака да го одведе своето дете далеку од депресијата што ги опкржува. Но доаѓа делот каде што сета надеж се губи заради еден живот кој згаснува прерано.

Филмот нема една единствена содржина затоа што Иван Салатиќ ни покажува повеќе приказни на необичен начин. Неверојатно добрата кинематографија го прави филмот уникатен оставајќи ви носталгично чувство. Кинематограферот Иван Марковиќ направил одлична работа правејќи го местото темно и депресивно. Мрачната тематика на местото е мајсторски поврзана и со приказната и се изгледа како да е реално.

Кога ќе се погледне суштината на филмот, се забележува дека сé се врти околу морето правејќи го филмот уште потажен. Актерите Лука Петроне, Ивана Вуковиќ и др., се исто така одлични затоа што ги прикажуваат приказните на начин на кој публиката може да се поврзе со улогите. Филмот има квалитетен звучен дизајн кој го прави меланхоличен и предизвикувачки за публиката. Најефективните звуци што ми оставија впечаток беа звуците на ветерот и удирањето на брановите. Има многу малку дијалог но филмот ќе ве остави без зборови. Костимите не беа екстравагантни туку минималистични за да се вклопат со приказната совршено.

„Ја имаш ноќта“ е необичен филм што ќе ве натера да размислувате многу по неговиот крај. Филмот привлекува одредена публика заради тешката содржина и чудниот начин на објаснување на проблемите во нашето општество.

Мартина Костадинова

Have your say