Оцена: 4/5
Живописните македонски села во себе кријат многу приказни, секое од нив со посебен шмек, сопствен карактер и безброј генерации кои оставиле свој траг. Оваа култура и историја полека затајува, селата остануваат празни, исполнети со тишина, сеќавањата избледуваат и се заборава овој дел од традицијата. Сето ова кога би го склопиле во едно краткометражно филмско остварување би дошле до „Ќе дојдат децата“. Младата талентирана режисерка Ана Јакимска преку нејзиниот трет краткометражен филм во соработка со сценаристот Бранко Костески ни доловува метафорична сторија која прераснува во емотивна приказна со тензични моменти. Во главната улога се појавува Наташа Петровиќ како младата наставничка Велика, а добропознатата Шенка Колозова ја толкува баба Велика која насетува на истоимената мајка од „Пиреј“ на Петре М. Андреевски.
Младата наставничка е испратена да оди на село и да ги подучува децата во студената зима при тешки услови. Таа ги преминува сите пречки на патот до училиштето и се запознава со баба Велика која ја пречекува со топол традиционален македонски оброк. Бабата ѝ ги посочува сите потешкотии со кои таа ќе се соочи во текот на работењето, а пак младата Велика го прифаќа тоа со доза на неверување. Деновите одминуваат, а наставничката е сама, мрзнејќи во својата училница, чекајќи ги децата, по што секој ден се враќа дома кај баба Велика со намалена доза надеж. Прашањата остануваат, а надежта последна умира. Наставничката тешко се навикнува на промените и ладниот живот, а баба Велика ги одбројува последните денови.
„Ќе дојдат децата“ е краткометражен филм кој ги доловува сите важни елементи кои ги навестува приказната за да се наслови како филмска бајка со силна симболика. Живописните пејзажи на природата надополнети со ладната зима, силните бои на облеката на наставничката Велика, кадрите од топлоподготвениот оброк на баба Велика се делови од симболиката кои се тука за да ни ја разбудат онаа емоција за македонското село, миграцијата кон „подобар“ живот во град и иселувањата кои носат до тоа да има сè поголем број на села без жители. Музиката која е присутна на почетокот и ја придружува наставничката на патот кон селото го збогатува фолклорниот сегмент. Тишината присутна во селото ја отсликува осаменоста на тоа мало парче земја и падот на ентузијазмот во ликот на младата наставничка. Секоја сцена и кадар носи своја посебна метафора која гледачот може различно да си ја толкува, а истото важи за целиот филм и приказна.
Режисерката Јакимска одлично си ја завршила својата домашна задача и со посебно внимание е осмислена секоја сцена. Локациите на кои е снимен филмот ја доловуваат сликата за животот на село и даваат реален приказ за ладните зими. Костимографијата е впечатлива, доаѓа до израз, боите имаат своја улога во визуелниот впечаток. Единствената замерка би ја посочил кон специјалните ефекти кои го интерпретираат студениот здив. Иако кастингот се состои од само три актери, Наташа Петровиќ е одлична во својата улога, а пак од Колозова се добива токму она што се бара. Морничавиот веслач на чамец ја збогатува тензијата која се наѕира.
Во изминатиот период посетив село блиску до с. Маловишта во кое е сниман филмот и можам да кажам дека „Ќе дојдат децата“ е комплетно олицетворение на тоа што лично го доживеав во селото. Празнина, тажен мир, убава природа, бескруполозен ланец на живот, надеж се само дел од чувствата и сликите кои ги искусив и се претопуваат во сето она кое го видов во филмот. Визијата на Јакимска и Костески е реална и можеби ова ви звучи на типичниот емотивен македонски филм со фолклорни елементи, но кога ќе навлезете во деталите ќе ја разберете вистинската замисла и уникатната, кодирана визија за филмот. Не само што би ви препорачал да го додадете филмот во вашата колекција на гледани дела, исто така и би ве посетувал потоа да отидете и поминете неколку дена во некои од овие многубројни традиционални македонски села. Со тоа само ќе ја изгубите вревата која ве опкружува, а ќе добиете мир кој сите го посакуваме барем на неколку дена.
Филип Мишов