„Далечниот лаеж на кучињата“: Детски живот меѓу детонациите од бомбите

„Секоја приказна има две страни, гледишта за кои може да се зборува, дебатира, но војната има само едно лице, а тоа е низ објективот на Сајмон Вилмонт. Документарен филм кој е вистинска, страшна слика за „актерите“ односно самите наратори.“

Кон „Далечниот лаеж на кучињата“ во режија на Сајмон Леренг Вилмонт.

Оцена: 9.5/10.

Секогаш ми било тешко да пишувам за работи кои ги немам искусено во животот или немаат допрено до мене, но „Далечниот лаеж на кучињата“ не само што ми предизвика морници и солзи, туку и ме уништи. „Ми го зеде срцето, претвори во зрно, притисна и затвори во ладен свет“, најдобриот опис за филмот т.е. зборовите кои ги користи младото 10 годишно момче Олег објаснувајќи за тоа како ја чувствува војната. Сајмон Леренг Вилмонт преку своето 7-мо документарно филмско остварување нè носи најблиску до војната и нејзините последици, низ животот и секојдневието на двочлено семејство. Режисерот е воедно и снимател на самиот филм, со што секоја негова замисла е претворена во реалност. Извршен продуцент е Филипа Коварски кој зад себе веќе има една номинација за Оскар. „Далечниот лаеж на кучињата“ е најуспешниот филм на режисерот со неколку награди, меѓу кои и фестивалот во Гетеборг за најдобар документарен филм.

Во 2014 година, во малото село Хнутове, источна Украина, во самиот епицентар на војната помеѓу владата и проруските сепаратисти, живее бабата Александра со внук ѝ Олег во трошна куќа со основни услови за живот. Младото 10 годишно момче е сирак за кого се грижи неговата баба, а неговиот најдобар другар, а воедно и братучед Јирак, повремено вдахнува игра во неговиот живот. На работ на истребување, на работ на животот кој сè уште не е започнат Олег се обидува да се носи со стравот од вечерните бомбардирања и трепетот на неговата баба. Жителите полека си заминуваат во потрага по мирен и безбеден живот или пак се колатерална штета на студената војна, но Олег само ги гледа и нема каде да замине, препуштен на борба за опстанок во малото село.

Режисерот има поминато неколку недели со ова семејство снимајќи го филмот заедно со Олег и Александра, но неговата поставеност во приказната, како статист, гардеробер кој воопшто не се забележува во нивните животи е уникатно. Иако станува збор за вонредна ситуација, во ниту еден момент не се забележува дека семејството би се потпрело на снимателот во случај на опасност и потреба од помош. Сајмон го пронашол перфектниот баланс во однос на врската со семејството, да се позиционира адекватно во нивните животи.

Автентичноста на филмот, приказот на невкусната игра со страв на Александра и Олег е редок случај кога филмското платно беснее од емоции кои ги пренесува на публиката. Звуците на татнежот, експлозиите, воздишките се темната страна, а единствената светлина во животот на Олег се игрите со Јарик и Костја во селската река. Дијаметралната разлика помеѓу големиот страв и зрнестата среќа. Музиката само ја зголемува неизвесноста, суптилна, но со удел во тензијата, летаат ракети над селото, без било кој да знае каде ќе завршат.

Секоја приказна има две страни, гледишта за кои може да се зборува, дебатира, но војната има само едно лице, а тоа е низ објективот на Сајмон Вилмонт. Документарен филм кој е вистинска, страшна слика за „актерите“ односно самите наратори, деца кои одат на училиште да научат како да се спасат во ситуација на бомбардирање, вознемирувачките сцени од бледото и вкочането лице на Олег од експлозии се само дел од сцените со кои плени овој филм. За момент ќе посакате филмот да биде само фиктивно сценарио, а не вистинска приказна за дете кое си го обојува гробот на сопствената мајка жалејќи се за стравот претрпен од експлозиите. Зарем од тоа треба да се состои детството?

Тажните сцени во кои Олег сам седи и шета низ испразнетото село, осамената слика на Александра со црната мачка во иста положба каде режисерот прави игра на прашања и ве тера да навлезете во умот на старата кутра жена која не знае што да прави. Ова се само дел од елементите и сцените кои ќе остават длабок траг во вашата меморија. Дали ги цениме работите во кои уживаме, дали може да се стави цена на човековата слобода и чувство на спокој? Ако го прашате Олег тој сигурно ќе ви одговори дека сè би дал тој, Јирак и неговата баба да живеат на безбедно место. Трновитиот пат и детство на Олег во Хнутове кој понатаму во животот ќе го земе својот данок во оформувањето на него како личност, соновите и стравовите кои ќе го следат до крајот на животот.

„Далечниот лаеж на кучињата“ би го оценил како ремек-дело, одличен филм, севкупно, не само во класата на документарци. Фантастична идеја претопена на лента, живописна, ужасна, пострашна од било кој хорор, поемотивна од било која драма. Приказната на Олег и Александра е секојдневна траума за нив, а гледањето на филмот за вас ќе биде траума од скоро 90 минути кои и те како вредат да се погледнат и да се уверите во егзистенцијалната несигурност која ја носи бескруполозната војна.

Филип Мишов

Have your say