И криви, и должни
Во „Црни и Криви“, двајца пријатели (Горан Ников и Тони Денковски), фрустрирани од својата беспарица, решаваат да ограбат продавница. Насловот на филмот сосема соодветно ја опишува атмосферата во него. Ников и Денковски одлично ги играат улогите на несмасните „партнери во криминалот“, а кастингот на споредните улоги дава цврстина и материјал од кој можат да ја засилат својата игра.
Режисерот Марко Џамбазоски користи високо сатурирана палета на бои која додава леснотија во сцените кои инаку би изгледале сериозно или ладно. Ако може да се забележи за нешто, тоа се единствено малите пропусти во темпирањето на репликите и честите „намигнувања“ кон публиката. Џамбазоски како да сака да каже тој и остатокот од екипата се свесни за тоа што се случува на платното, иако ова е очигледно и од самата игра на актерите. И покрај овие мали забелешки, „Црни и Криви“ е занимлив и гледлив.
Отсуството е опипливо во „Кога не нема“
„Кога не нема“ е куса медитација за загубата и болката. Случувајќи се во и околу домот на едно семејство (Огнен Дранговски, Амернис Нокшиќи Јовановска, Јана Никодиновска), филмот на Стефан Палитов ја истражува трагедијата која го погодува. За неа никогаш не се проговорува, но е јасно најавена на самиот почеток. Само едвај придржувајќи се кон својата рутина, од немоќ и немајкаде, секој лик се обидува да се справи со неа на свој начин.
Палитов го поставува дискурсот помеѓу нив, но и во нивниот внатрешен свет. Неговите визуелни коментари даваат длабочина и слоевитост на приказната, без да мораат да одговорат дали некои од претставените моменти се отисоци од сеќавања, или, можеби, натприродни феномени. Штедрото внимание кое е вложено во поставувањето на сцените и кадрите го засилува емотивниот полнеж на дејството. Тие остануваат доволно долго пред гледачот за да можат да се впијат до последен детал, кажувајќи ги работите кои ликовите не можат или не знаат да ги кажат. Топло препорачувам.
Атанас Димитров