„Брак“: Уверлива приказна за минатото кое се проткајува низ сегашноста

„Без непотребна мелодраматичност или самосожалување, Зекири го покажува бременот на личната и колективната историја во нивниот секојдневен живот. Во ерата на мелодрама и блокбастери, нејзините ликови се прекрасно, несовршено вистински.“

Забелешка: Ова е еден од тие филмови кои треба да се гледаат без да го гледате трејлерот или да читате премногу за приказната. 🙂

Само пар недели пред свадбата на Беким (Албан Укај / Alban Ukaj) и Анита (Адриана Матоши / Adriana Matoshi), стариот пријател на Беким, Нољ (Генц Салиху / Genc Salihu), повторно се враќа во неговиот живот. Доаѓањето на Нољ создава многу главоболки за Беким. Дополнително оптоварување е желбата на неговото семејство да го контролира секој аспект од неговиот живот. Овие проблеми ја водат врската на Анита и Беким до точка на кршење. Авторката и режисерка на филмот, Блерта Зекири (Blerta Zeqiri), прави контраст на овие случки со доза на комотен, неизнасилен хумор во скоро секоја сцена. Откако ќе ве повлече во приказната со оваа формула, филмот се гледа во еден здив.

Истовремено со подготовките за свадбата, дознаваме и за животите на ликовите. Приказната за наоѓањето на посмртните останоци од родителите на Анита која е воено сираче, и сеќавањата од војната во Косово на Беким и Нољ градат мост од минатото до сегашноста. Без непотребна мелодраматичност или самосожалување, Зекири го покажува бременот на личната и колективната историја во нивниот секојдневен живот. Во ерата на мелодрама и блокбастери, нејзините ликови се прекрасно, несовршено вистински. Нивните разговори, важни и неважни, звучат искрено. За ова во голема мера е заслужен и кастингот, бидејќи меѓу триото Укај, Матоши и Салиху има очигледна хемија. Додека ликот на Беким најчесто го држи централното место во приказната, Зекири е внимателна да даде простор за игра и на останатите двајца.

Единствената слаба точка во приказната на Зекири е расплетот, кој изгледа избрзан и емотивно рамен и неколкуте нишки во приказната кои не се докрај расветлени. Овие моменти изгледаат чудно бидејќи сите останати покажуваат дека е вложено време за да се изгради импулс и ритам во дејството, за потоа ненадејно да се прекине. Освен овие забелешки, „Брак“ е силно првенче, кое уште сега најавува убави идни изненадувања од авторката. Топло препорачувам!

Атанас Димитров

Have your say