„Без гајле, нема да стигне далеку пеш“ стигнува далеку, пеш

„Есенцијата на брилијантноста на Џон Калахан е солидно опфатена така што покојниот уметник веројатно не би го понижил режисерот со хумористичен стрип.“

Кон „Без гајле, нема да стигне далеку пеш“ во режија и сценарио на Гас ван Сант, кинематографија на Кристофер Бловел.

Оцена: 3/5.

Уметноста произлегува од внатрешната болка. Тоа е една идеја која општествено е долго време прифатена како норма. Американската писателка Силвија Плат патела од депресија додека ги креирала едни од најголемите книжевни дела на 20 век, Ван Гог се борел со немаштијата и разни внатрешни демони под „Ѕвездена ноќ“, сопругата на култниот и проблематичен режисер Роман Полански била убиена на начин погрозоморен од „Бебето на Розмари“. Митот за угнетуваниот артист е отсликан во нашата култура – човековата борба да преживее е одговорна за огромен број значајни дела.

Токму животите на тие уметници, а посебно оној на американскиот цртач Џон Калахан, се буре од инспирација без дно кога станува збор за пренесување на нивните животи на големото платно. Црн хумор, алкохолизам, брилијантност, безнадежност, комбинирани со тотален физички хендикеп е коктел од интрига кој во рацете на вистинскиот режисер може да има огромна вредност, како што тоа го знае ветеранот на американската независна сцена, Гас ван Сант. Тој е познат како љубител на комплексни, маргинализирани ликови кои се соочуваат со многу пречки – па од таму и фацинираноста со влијателниот цртач.

„Без гајле, нема да стигне далеку пеш“ се фокусира на Џон Калахан (Хоакин Феникс, претопен во тело на хендикепирано лице) кој живее живот полн со пороци. Тој е алкохоличар кој го занемарува својот талент и покрај уникатните форми кои ги црта и хуморот кој ги шармира сите луѓе што го знаат. За тој конечно да се осврне на уметноста, треба да плати голема цена. Никој не е изненаден кога во сообраќајна несреќа ја губи функционалноста на своите нозе, па за да најде излез од ситуацијата, тој почнува да црта сатирични стрипови полни со црн, а некогаш навредлив хумор. Голема поддршка во неговиот живот се спонзорот за трезвеност Дони (Џона Хил, брилијантен и резервиран во улога помала од неговите таленти) и неговата девојка Ану (Руни Мара, неискористена во еднодимензионален лик). Токму во третманот на овие споредни ликови лежат и најголемите проблеми во филмот.

Сценариото има проблеми почнувајќи од Џон (емотивно интересен и егоцентричен), кој е матицата, а сите останати се пчели, па до Ану која, иако е една од малкуте жени во филмот, што самото по себе е недостаток, е недоволна на екранот.  Таа е буквално ставена во ситуации колку само да се опише и докаже дека и луѓето со телесна попреченост имаат секс. Самата одлука на Гас Ван Сант да прави огромни скокови во времето поставува многу прашања. Како Џон ја добил работата? Дали претходно имал искуство? Како се развила интимата помеѓу него и неговите најблиски? Режисерот прави такви одлуки на некохерентно менување на временскиот период што уредувањето на моменти е неспретно и не дозволува целосно обликување на главниот лик.

Дени Елфман повторно компонира за својот долгогодишен пријател, создавајќи суптилна атмосфера која ја опфаќа апсурдноста и надежта која произлегува и во најтрагичните сцени. Есенцијата на брилијантноста на Џон Калахан е солидно опфатена така што покојниот уметник веројатно не би го понижил режисерот со хумористичен стрип.

Петра Бранковска

Have your say