Кон „Пристигнување“ во режија на француско-канадскиот режисер на Денис Виленев (во чиј опус влегуваат дела како „Блејд Ранер“, „Затвореници“ и „Сикарио“) и сценарио на Ерик Хајсерер, инспириран од кратката приказна „Приказната на твојот живот“ на Тед Чианг.
Кинематографија на Бредфорд Јанг, музика на Јохан Јохансон кој доби номинација за Греми за „Пристигнување“ и дизајн на звук на Силвен Белмар кој се закити со Оскар.
Премиерата на филмот се одржа на Фестивалот во Венеција во 2016 година. „Пристигнување“ доби вкупно 8 номинации за Оскар.
Оцена: 5/5.
Што би се случило ако првиот контакт со вонземјани е комплетно мирен? Како би изгледал светот доколку принудно се обединиме кон заедничка цел? Колкаво влијание врз нашите животи има перцепцијата дека времето се движи линеарно? Преку „Пристигнување“, Виленев и Хајсерер ги одговараат овие прашања на невообичаен начин. Наместо стандардниот холивудски филм напишан по акционата формула „Вонземјаните доаѓаат и хаосот започнува!“, режисерот и сценаристот нудат длабоко контемплативна и временски нелинеарна анализа на еволуцијата на човештвото низ повеќе слоеви, спакувана како научно-фантастична драма.
Основниот слој е веќе позната приказна: неидентификувани летечки објекти (или со речникот на филмот, школки) слетуваат на, на прв поглед, случајно одбрани локации низ светот. Огромните школки се мистерија и за најсофистицираните научници, а целото човештво е вознемирено од ситуацијата и започнуваат насилни протести. Долготрајните обиди за воспоставување комуникација се само „протрчани“ низ приказната, а фокусот е ставен на ефектите од учењето на јазикот на „хептаподите“ (новото име на вонземјаните кои претставуваат комбинација од изгледот на некои од најстрашните митолошки водни суштества и натчовечка интелигенција). Хептаподите „зборуваат“ преку звуци тешко разбирливи за човечкото уво, а нивното писмо (идеја на уметницата Мартин Бетранд) се потпира на кружна калиграфија и апстрактни симболи.
Вториот, личен слој на приказната е прикажан низ очите на Луиз Бенкс (Ејми Адамс), професорка по компаративна лингвистика, која надмудрувајќи ја американската армија и колегите лингвисти, се впушта во истражувачки напори да оствари разбирлива комуникација со вонземјаните. Контекстот на овие два слоја се потпира на повремените прикази на политичките напори за градење соработничка мрежа. Бесценетата филозофска димензија на филмот е изградена врз основа на едноставно интроспективно прашање: Кога би знаеле како ќе ни изгледаат животите со сите падови и успеси, дали повторно би ги носеле истите одлуки?
Токму ваква проверка на претпоставките под кои функционираме се случува во можеби најдобрата сцена во филмот. Тимот научници влегува во една од школките каде одеднаш гравитацијата целосно се менува и перспективата се превртува наопаку. Во секундата кога публиката си го запира здивот очекувајќи тимот научници да падне, преку оваа синегдоха за целиот филм, режисерот брилијантно нè потсетува дека во научно-фантастичните филмови не сè што знаеме за светот околу нас е вистинито. Природните реакции на тимот научници, кои одлично ги доловил Јанг, пак покажуваат дека гравитациските промени се изненадување и за самите научници кои ги играат главните улоги во филмот.
До некаде стереотипно, професорката Луиз е изградена како тивок и симпатично збунет интроверт, кој собира храброст во клучните моменти. Нејзината контратеза, квантниот физичар Иан Донели (го игра Џереми Ренер), е изграден како типичен (но речиси еднодимензионален) претставник на машкиот принцип: екстровертен, гласен и заинтересиран за докажување кој е подобар. Во оваа ода на карактери, огромно влијание врз доживувањето на приказната имаат безвременската музика и флуидната кинематографија.
Недоследностите во „Пристигнување“ се бројни, но генералната идеја е мајсторски доловена: слично на многу архетипски приказни, ја следиме Луиз во чии раце е судбината на целото човештво. За среќа, Луиз е доволно свесна за сопствените предрасуди и когнитивни скокови што ѝ овозможува да погледне надвор од кругот.
Јована Ѓорѓиовска