„Анихилација“ – уништување или создавање

...„непостојаноста, нестабилноста на границата и самото двојство помеѓу создавањето и уништувањето во склоп со родовите улоги, се само два аспекта низ кои може да се разгледуваат содржината и сликите на овој филм.“

Филмско остварување кое може да ја прошета публиката од научната фантастика до психолошкиот хорор, неминовно навлегувајќи во сферите на романсата, но и критиката на традиционалните општествени структури.

Режија и сценарио: Алекс Гарланд (адаптација на истоимената новела „Анихилација“ од трилогијата „Јужното достигнување“ („The Southern Reach“) во авторство на Џеф ВандерМиер); Гарланд е сценарист на повеќе филмови, режисер на филмот „Ex Machina“, како и автор на неколку новели.

Жанр: Научна фантастика и психолошки хорор

Актери во главните улоги: Натали Портман, Џенифер Џејсон Ли, Џина Родригез, Теса Томпсон, Тува Новотни и Оскар Исак

Продукција: Скајденс Медиа (Skydance Media), ДНА филмс (DNA Films) и Скотт Рудин Продакшнс

Оценка: 5/5

Тргнувајќи од сферата на физиката и пренесувајќи еден научен поим во областа на општествените и хуманистички предели и прашања, оваа филмска адаптација навлегува во сета длабочина на човековата природа и патиштата по кои се движи таа. „Анихилација“ или целосно самоуништување е темелот на оваа приказна. Но дали уништувањето е крај и колку нешто може да биде уништено? Можеби она што го нарекуваме уништување е едноставно мутација, промена. Дали трансформацијата од една во друга форма може истовремено да значи и деструкција и креација?

Електромагнетно поле се шири, заканувајќи се да ја проголта сета земјина површина, а со тоа осудувајќи го секое живо суштество кое ќе се најде во него на бесконечна мутација. Само еден ќе го преживее смртоносното патување кон изворот на таа закана, но враќајќи се оттаму тој ќе заврши на смртна постела. Пет различни приказни, пет различни мотиви и пет различни карактери кои ќе доживеат и различни разврски на нивните приказни ќе заминат во конечен обид да го откријат изворот или да загинат. И повторно, само една од хероините ќе преживее, а какви ќе бидат последиците?

Од феминистичка перспектива ова е приказна која темелно ја редефинира традиционалната улога на жената. Лина, не само што е научничка како и останатите хероини: Вендрес, Џози, Ања и Кас, но таа и во една поширока смисла разбива и буквално превртува една длабоко традиционална слика која се провлекува низ различните уметнички медиуми. Имено, многу е честа, тргнувајќи од бајките, преку поразвиените книжевни форми, сè до филмот и многу други уметнички форми, сликата во која женски лик лежи во постела, немоќен, додека машки лик се бори за да ја спаси. Од тој аспект сликата во која Кејн добива пасивна улога, а Лина активна одлучувајќи да трага по причината за состојбата во која се наоѓа Кејн како единствениот преживеан од мисијата, е значајна за разбивањето на традиционално сфатените улоги на мажот и жената. Појавата на женскиот лик како спасителка на машкиот е значаен момент за редефинирање на патријархалниот поредок.

Несомнено, филмот ги проблематизира и меѓучовечките односи како и односите воспостевени меѓу сите нешта во природата. Деструктивната моќ на електромагнетното поле во однос на четирите учеснички во мисијата, како и учесниците во претходните експедиции, за мутираните растенија и животни претставува создавачка моќ. Ниту Лина чиј живот во текот на престојот во полето е под постојана, максимална опасност не се ни обидува да ја негира убавината на пејзажите и дел од творбите. Смртта на Џози дури и не остава трагичен впечаток кога таа се претвора во растение со цветови во форма на човек. Интересни се пејзажите со хибридни растенија и животни. Чудовиштата кои ги напаѓаат и убиваат дел од хероините се еден од изворите на мутацијата кои ја овозможуваат и понатаму.

Впрочем, непостојаноста, нестабилноста на границата и самото двојство помеѓу создавањето и уништувањето во склоп со родовите улоги, се само два аспекта низ кои може да се разгледуваат содржината и сликите на овој филм. Тие ни приближно не го исцрпуваат неговиот тематски опсег, но се неминовно значајни аспекти.

Во контекст на новелата, Гарланд во сценариото прави голем број интервенции и отстапки. Може да се заклучи дека тој ја зема новелата како почетна точка, но ја пренасочува создавајќи своја визија за текот на настаните, нивниот развој и позициите од кои ќе се разгледува. Филмското сценарио е придружено од музика која е компонирана од Бен Салисбери и Џеф Бароу, како и песнатa „Helplessly hoping“ од фолк-рок групата Крозби, Стилс и Неш (Crosby, Stills & Nash).

Овој филм нуди неизмерно многу акција, спротивности и различни агли на гледање, на тој начин отворајќи нови хоризонти и би го препорачал како интересно доживување за секој кој посакува една неконвенционална приказна.

Кристијан Стефановски

 

Have your say