„Америка“: сложувалка од карактери и силна братска љубов

„Режисерите се поставуваат во животите на фамилијата Серано како невидлива оска околку која природно се одвиваат работите.“

Оцена: 7/10.

Во моментите кога сме најранливи, кревки и потиштени секогаш се потпираме на најблиските. Во човековата природа е да побараме помош од луѓето во кои имаме најмногу доверба. Семејството скоро секогаш доаѓа на прво место кога станува збор за овој круг уѓе, па „Америка“ е една вистинска приказна за братската љубов, сплотеноста и потврда на поговорката „Сложни браќа куќа градат“.

Американското дуо Ерик Стол и Чејс Вајтсајд се режисери на овој долгометражен документарен филм. Стол е воедно и снимател, а учествува и во монтажата. Тие се релативно нови млади талентирани режисери кои јавно говорат низ интервјуа за соработката помеѓу нив двајца и советуваат дека секогаш е подобро да се има поддршка и помош од друг режисер што кореспондира со „Америка“. На Ерик и Чејс ова им е втора соработка по „Како живо“, a „Америка“ е избран за најдобар документарен филм на неколку светски филмски фестивали меѓу кои и тој во Ешленд, САД како и специјална награда во Данска.

Диего живее во САД, ужива во авантурата и потрагата по подобро утро кога еден ден добива неочекуван повик од неговото семејство дека тој треба итно да се врати дома во Калима, Мексико. Младиот циркузант и сурфер одговара на повикот од неговите браќа и дознава дека всушност неговата 93 годишна баба, Америка паднала од креветот додека била сама. Неговиот татко Луис е обвинет дека ја запоставил грижата кон мајка си со што е веќе во затвор. Несреќата го сплотува семејството и тројцата браќа се враќаат дома да водат грижа околу дементната, но весела баба Америка и мисијата да го спасат својот татко од затвор. Сите заминати по различни патишта во нивните животи, тие не се навикнати на заеднички живот и тука настануваат несогласувањата и проблемите околу негата за Америка.

„Америка“ е драма која ги нагласува фамилијарните односи и покажува како една неволја може да го врати семејството дома во првобитната форма. Исто така ги прикажува социјално-економските проблеми кои ги носи животот во Мексико и како браќата се разделиле во потрага по подобар живот. Стол и Вајтсајд даваат суптилен приказ на овие делови за животот во Колима, кои иако латентни сепак излегуваат на површина во текот на филмот, истото важи и за корумпираноста во државата. Бабата Америка иако претставува еден вид на обврска за триото браќа кои сите ја гледаат на свој начин, таа е всушност светлината помеѓу нивните караници, го покажува ефектот за тоа како добрината и насмевката може да бидат заразно влијателни и за средината, во случајов за Диего, Родриго и Бруно.

Режисерите се поставуваат во животите на фамилијата Серано како невидлива оска околку која природно се одвиваат работите. Тие реалистично ги прикажуваат сите проблеми кои ги носи грижата околу Америка и несогласувањата, но и моментите кога тие несвесно уживаат поради фактот што повторно се заедно претставувајќи го тоа преку нивната страст, циркузот. Музиката е амбиентална за комплетирање на атмосферата во филмот. Сцените со баба Америка ќе ви го стоплат срцето, а трпеливоста на браќата во однос на процесот на  нега за баба си ќе посакате да биде и ваша карактерна особина.

Документаристичкото филмско остварување на американското дуо е драма која вреди да се погледне за да се потсетиме на вредностите на семејството, но и на тешката сложувалка од различни карактери. Баба Америка ја карактеризира типичната тврдоглава старост и стравот надвор од комфорната зона, но и љубовта кон своите внуци. „Америка“ ќе ве разнежни и ќе ви го покаже режисерскиот потенцијал на Чејс и Вајтсајд, а Диего ќе ве научи да го сакате животот.

Филип Мишов

Have your say