Ах, тоа „Лето со Моника“…

„Приказната е скоро совршена, лесно и брзо се развива, а притоа има и пресврт преку кој режисерот си игра со вашите чувства, гледишта и морален суд.“

Оцена: 8.5/10

Летото претставува симбол на слобода, насмевка, љубов и авантура, а култниот Ингмар Бергман нè враќа на почетокот на филмскиот жанр именуван драма/романса.

Шведскиот режисер Бергман со овој филм покажува зошто го носи епитетот култен филмски уметник. Носителот на дури 9 номинации за „Оскар“ од филмската академија постави постулат за современата, модерна драма/романса од кого сите нови режисери црпат инспирација. „Лето со Моника“ е црнобел филм од 1953 година сниман со ограничен буџет, кој е едвај одобрен од  филмската академија на Шведска. Сценариото е на неговиот сонародник Пер Андерс Фогелстром, а убавата Моника ја толкува Хариет Андерсон.

Хари (Ларс Екборг) е момче од работничка класа кое на вообичаен работен ден одлучува да се одмори во локалниот паб во Стокхолм каде ја запознава младата заводничка Моника. Авантуристички настроената тинејџерка веднаш, на самото запознавање, му предлага на Хари да избегаат од работните обврски и заедно да започнат ново поглавје во нивните животи. Идејата на Хари му изгледа интересно и само неколку дена подоцна двајцата даваат отказ, а дополнителна причина за следниот чекор се семејните проблеми на Моника. Хери има мало бротче со кое заедно со неговата девојка отпловуваат во летна авантура под сонцето на Шведска. Нивниот почеток е како бајка, полн со надеж, бакнежи, љубов и безгрижни моменти, но полека проблемите го наоѓаат својот пат до среќната двојка и нивната авантура од соништата добива неочекуван пресврт…

„Лето со Моника“ е евергрин во филмската уметност, одлично компониран филм за средината на 20 век. Филмот изобилува со милозвучни дијалози за љубовта помеѓу Хари и Моника. Живописни црнобели кадри кои ве оставаат без зборови и оставаат на вашата имагинација да замислите како тие би изгледале во боја. Бергман во целата приказна вметнува и еротски дел,  прикажувајќи го голото тело на слободоумната Моника, но секогаш умешно избегнувајќи ги сексуалните сцени. Крупните кадри во кои насмевките на младата двојка бликаат од среќа и погледите исполнети со љубов внесуваат топлина во летната авантура. Кинематограферот  Гунар Фишер ја има заслугата за статичните пејзажни сцени од Стокхолм во кои Хари и Моника одлучуваат да ја започнат нивната авантура, а силните бранови на водата го отсликуваат бурниот карактер на превртливата Моника.

Бергман е познат во својата кариера како човек кој преку своите филмови ја анализира психологијата на жените, а „Лето со Моника“ е никулецот на оваа филмска визуелизација.  Главниот лик, Моника во овој филм е претставена како безгрижна млада девојка, која лесно го заведува Хари, но потоа на виделина излегуваат нејзините „темни“ карактеристики, навики и материјалистички ориентиран дух. Но, во одбрана на феминистичката теорија, односно во случајов на Моника, во филмот има семејно насилство од нејзиниот татко, а понатаму и од брачниот партнер,  како и нарушување на приватноста на работното место, своевиден приказ за тоа како се гледало на жената во средината на минатиот век.

Приказната е скоро совршена, лесно и брзо се развива, а притоа има и пресврт преку кој режисерот си игра со вашите чувства, гледишта и морален суд. Ларс Екборг и Хариет Андерсон се перфектни во своите улоги, Моника и нејзината убавина оставаат посебен печат на филмот, па оттаму и насловниот постер.

Љубовта кон Моника во филмот не е само од страна на Хари. Во интервју од подоцнежните години на Бергман открива дека всушност на снимањето на филмот тој е човекот кој се заљубува во Хариет Андерсон и нејзината убавина. Знаејќи го овој факт, би можеле да го гледаме филмот, кадрите и сцените од многу поразлична перцепција, како на пример како Бергман ужива снимајќи ја Моника и завидувајќи му на Хари во филмот за нивната романса.

Кога ќе го изгледате „Лето со Моника“ на Бергман ќе забележите дека новата филмска историја содржи безброј филмови кои асоцираат, аспирираат да бидат нечиво „Лето со Моника“, а со тоа губат оригиналност во обидот. Ова е филм кој ве води со својата елеганција, а црнобелата димензија само ја надополнува антологиската атмосфера, автентична за годините во кои е сниман. За Бергман овој филм го означува почетокот на неговата ера во филмската уметност, а за Хари тоа лето со Моника е почетокот на неговите најубави три месеци од животот…

Филип Мишов

Have your say